Serdar Açıl
28 Септември 2023•Ажурирај: 29 Септември 2023
АНКАРА (АА) - Министерот за правда на Република Туркије, Јилмаз Тунч, денес изјави дека неодамнешната пресуда на Европскиот суд за човекови права (ЕЦХР) против земјата е неприфатлива и дека Судот, разгледувајќи ги доказите, излегол надвор од својата надлежност, јавува Анадолу.
Европскиот суд за човекови права во вторникот донесе пресуда во врска со поднесокот на Јуксел Јелчинкаја, за кој пред турското правосудство е утврдено дека е член на терористичката организација ФЕТО.
ЕЦХР пресуди дека станува збор за кршење на правата на подносителот на барањето, што ресорниот турски министер го оцени како неприфатливо во денешното обраќање пред новинарите во Анкара.
„Фактот дека одлуката е донесена со 11 гласа 'за' и шест 'против' покажува дека тие не се согласуваат“, рече Тунч, додавајќи дека одлуката е донесена без да се земе предвид судската практика во врска со користењето на тајната шифрирана комуникациска мрежа „Бајлок“.
Наведувајќи дека ЕЦХР ги пречекорил своите овластувања и интервенирал во националните судови на земјите, Тунч нагласи дека тоа е одлука што се донесува само во однос на тоа досие и дека секое досие има свои карактеристики и дека секој случај мора да се оценува посебно во согласност со собраните докази.
„Така е во кривичното право. Затоа мислиме дека тоа нема да претставува преседан. Нашата истрага продолжува“, рече Тунч.
Претходно министерот Тунч на социјалните мрежи наведе дека во предметниот случај сите судски нивоа, од Основниот суд до Апелациониот суд, па сѐ до Уставниот суд, ги сметале доказите за доволни, па затоа пресудата на ЕЦХР не може да се прифати.
Тој потсети на пресудите на самиот ЕЦХР, според кои валидноста и доволноста на доказниот материјал е под надлежност на националните правосудни органи.
- Терористичка организација ФЕТО -
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Туркије ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави, а чија екстрадиција Република Туркије и официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација ФЕТО со години, преку местење испити, напредувале во службата, инфилтрирајќи се во институциите на државата. Потоа, прво во декември 2013 година, поддржувачите на ФЕТО вработени во правосудството на Туркије се обидоа да деградираат голем број високи функционери на Туркије со монтирани судски процеси за наводна корупција.
Неколку години подоцна следуваше крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч изведен од страна на офицерите што ФЕТО ги инфилтрира во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека станува збор за глобална мрежа што претставува закана не само за Република Туркије туку и за секоја друга земја каде што оваа организација е активна.