Handan Kazancı
06 Септември 2020•Ажурирај: 08 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Министерството за одбрана на Република Турција соопшти дека наменскиот брод „Оруч Реис“ решително ја продолжува мисијата за сондажно истражување на изворите на енергетски ресурси на Источниот Медитеран, јавува Агенција Анадолија (AA).
„Силен, одлучен и моќен! Фрегатите и корветите на нашата морнарица одлучно ја продолжуваат својата должност да го придружуваат и штитат истражувачкиот брод Оруч Реис, кој продолжува да работи во нашите подрачја во Источниот Медитеран“, се наведува во пораката што ресорното турско Министерство ја објави на Твитер.
Министерството заедно со пораката објави и нова двоминутна видеоснимка од турскиот истражувачки брод и неговата морнаричка придружба и порача дека нема да дозволи никаква непромисленост ниту незаконитост во тој регион.
На објавената видеоснимка е прикажан и сегмент од комуникацијата помеѓу екипажот на бродот и морнарицата.
И покрај противењето на Грција и на уште некои други земји, Турција на 31 август ја продолжи истражувачката мисија на бродот „Оруч Реис“ до 12 септември.
Истражувањето се спроведува во границите на континенталниот гребен на Турција, која се спротивставува на обидите на Грција да ги одреди поморските граници во Источниот Медитеран со помош на малите острови крај турскиот брег.
Официјална Анкара се залага за праведна поделба на добрата во Источниот Медитеран и нагласува дека право на ресурсите имаат и кипарските Турци и Грци.
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, рече дека дијалогот и преговорите се единствениот пат за решавање на спорот и ја повика официјална Атина да ги почитува правата на Турција.