Gözde Bayar
26 Јули 2020•Ажурирај: 27 Јули 2020
ИЗМИР (АА) - Турската крајбрежна стража спаси повеќе од 900 мигранти во изминатите месец дена, кои беа истуркани во турските територијални води од Грчката крајбрежна стража во Егејското Море, јавува Агенција Анадолија (АА).
Мигрантите се обидуваат да преминат во Европа со гумени чамци за да започнат нов живот, особено оние што бегаат од војна и прогонство.
Според податоците собрани од Агенција Анадолија (АА), од 22 јуни до 22 јули спасени се вкупно 929 мигранти вратени од грчките сили. Речиси 380 мигранти се спасени во Измир, 238 во Баликесир, 162 во Чанаккале, 108 во Мугла, 24 во Ајдин и 18 во Анталија.
Во 2019 година, вкупно 29 мигранти го загубија животот во периодот меѓу 1 јануари до 22 јули, поради тешките услови на море. Оваа година тој број во истиот период достигна 35.
Според Командата на турската крајбрежна стража, 12.609 нерегуларни мигранти се задржани при обид да преминат во Грција во периодот од 1 јануари до 22 јули годинава. Над 880 мигранти се задржани во периодот од 1 до 22 јули.
Турската крајбрежна стража им пружи помош на мигрантите обезбедувајќи им облека и храна. Здравствениот персонал, исто така, им пружи медицинска помош на спасените мигранти кои беа во лоша здравствена состојба.
Турција е клучна транзитна точка за мигрантите кои сакаат да стигнат во Европа.
Турција годинава ги отвори своите гранични премини за нерегуларните мигранти кои сакаат да преминат во Европа, обвинувајќи ја Европската Унија дека не ги исполнила своите ветувања во рамките на Договорот за мигранти склучен во 2016 година.
Турција згрижува речиси 4 милиони Сиријци, повеќе од која било друга земја во светот.