Турција

Турска Амасија ги пречекува посетителите со историското наследство и природните убавини

Амасија им овозможува на посетителите различни искуства во текот на сите четири годишни времиња, а со историските градби, природните предели и културното наследство останува вечна лулка на цивилизацијата

Batuhan Parin  | 27.03.2026 - Обновена : 27.03.2026
Турска Амасија ги пречекува посетителите со историското наследство и природните убавини Фото: Yasin Taner Tuğcu/AA

АМАСИЈА (АА) - БАТУХАН ПАРИН - Турскиот град Амасија, која се наоѓа на јужните падини на планините Џаник, привлекува голем број домашни и странски туристи со историското, културното наследство и природните убавини, пишува Анадолу.

Градот, со историја стара околу 8.500 години, претставува еден од најзначајните населени центри во Анадолија, со минато што се протега од мистериозните Хетити па сѐ до Османлиите. Познат како родно место на Страбон, таткото на географијата, во Амасија низ вековите одекнуваа имињата Хакмиш и Амасеја.

Меѓу највпечатливите историски предели на градот се планината Харшена и понтските кралски гробници исклесани во карпите, кои се наоѓаат на привремената листа на светско наследство на УНЕСКО. Овие монументални гробници на јужната падина на планината Харшена од периодот кога Амасија била престолнина на Понтското Кралство, се сметаат за големи примери на традицијата на погребување во карпи.

Куќите „Јалибоју“, наредени по должината на реката Јешилирмак, ја дополнуваат силуетата на градот со архитектонската текстура од османлискиот период. Дел од овие традиционални конаци денес ги отвораат портите за туристички цели, нудејќи им на посетителите можност да го искусат животот на минатите времиња.

- Примери на османлиската архитектура -

Амасија, еден од градовите на шехзадите (принцовите), бил училиште за најмоќните султани на Османлиската Империја. Музејот на принцовите и ден-денес го чува нивниот дух преку автентичните восочни фигури и облеката на тогашните султани.

Комплексот (кулије) на султанот Бајазит Втори, со џамија, медреса и народна кујна (имарет), е меѓу најважните примери на османлиската архитектура, додека вековните чинари во дворот му даваат посебен идентитет на целиот објект.

И Готската медреса од селџучкиот период се издвојува со прецизната камена изработка и архитектонските детали.

- Културното наследство и историјата на науката испреплетени на едно место -

Музејот на вљубените „Ферхат и Ширин“ во Амасија ги запознава посетителите со легендарните љубовни приказни, додека античкиот воден канал Ферхат е впечатлив пример за инженерството развиено за задоволување на потребите за вода на градот.

Музејот на хирургијата и историјата на медицината „Сабунџуоглу Шерефедин“ е познат како еден од првите центри во Анадолија каде што се применувало лекување со музика, раскажувајќи за историјата на медицината преку експонатите.

Тврдината Амасија, лоцирана на врвот на планината Харшена, преку многубројните реставрации низ повеќе епохи, опстанала и ден-денес, „господарејќи“ над градот поради специфичната местоположба.

Пештерата Ајнали (Пештера на огледалата), претставува популарна дестинација за посетителите, како од историски, така и од религиозен аспект.

Паркот на природата околу езерото Борабој, кој се наоѓа во областа Ташова, е смарагдното око на Амасија, со блескавата зелена боја и густата шумска вегетација што го опкружува, а тоа е омилено место за љубителите на природата.

Амасија им овозможува на посетителите различни искуства во текот на сите четири годишни времиња, а со историските градби, природните предели и културното наследство останува вечна лулка на цивилизацијата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.