Турција

Туркије: По несреќата на жичарницата во Анталија од кабините спасени 128 лица

„Евакуацијата на 128 граѓани заглавени во 16 кабини беше извршена под тешки услови. Во моментов во тек е евакуацијата на 43 лица од 8 кабини“

Gizem Nisa Çebi  | 13.04.2024 - Обновена : 13.04.2024
Туркије: По несреќата на жичарницата во Анталија од кабините спасени 128 лица

АНКАРА (АА) - Надлежните служби успешно спасија најмалку 128 лица заглавени во кабините по несреќата со жичарницата во Анталија, Туркије, во која загина едно лице, а седум се повредени, објави денес турски официјален претставник, јавува Анадолу.

„Евакуацијата на 128 граѓани заглавени во 16 кабини беше извршена под тешки услови. Во моментов во тек е евакуацијата на 43 лица од 8 кабини“, рече Океј Мемиш, претседател на АФАД (Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби) што работи под Министерството за внатрешни работи на Туркије.

„Областа (операцијата) е поддржана со заеднички напори на АФАД, жандармеријата, полицијата, војската, УМКЕ, невладини организации и противпожарната бригада, со вкупно 543 припадници на тимови за пребарување и спасување со седум хеликоптери, воен товарен авион, 108 возила, шест амбулантни возила и дронови“, објави турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја на X.

Четири хеликоптери под командата на крајбрежната стража одиграа активна улога во спасувачката операција, додаде тој.

Мемиш изјави и дека професионални тимови со специјална опрема стигнуваат до кабините од земја и со помош на јажиња спроведуваат спасувачки операции.

„Има проблеми со летовите поради ветерот. Сепак, можеме да кажеме дека реализираме многу силна интервенција. Се надеваме дека ќе ја завршиме операцијата пред да се стемни“, нагласи тој.

Во подрачјето на Конјаалти во градот Анталија вчера се случи трагичен инцидент кога столб при пад се судри со кабина од жичарницата, при што едно лице загина, а седум се повредени, меѓу кои и две деца.

Тимовите за одговор при катастрофи итно се упатени до местото на несреќата за да ги спасат преживеаните, а инцидентот предизвика привремено прекинување на работата на жичарницата.

Пожарникарите спроведоа операции за спасување на заробените во кабините.

Причината за несреќата засега е непозната.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.