Orhan Onur Gemici
22 Јануари 2023•Ажурирај: 24 Јануари 2023
АНКАРА (АА) - Во околу 90.000 џамии низ Туркије утринава се одржа читање на Куранот по утринската молитва како реакција на чинот на палење на Куранот пред турската Амбасада во шведскиот главен град Стокхолм, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Управата за верски работи на Република Туркије (Дијанет), Али Ербаш, ги повика муслиманите да ги посетат џамиите во голем број и да рецитираат и читаат Куран откако вчера во Стокхолм беше запален примерок од светата книга.
По неговиот повик утринава голем број верници се собраа во џамиите низ земјата на утринската молитва (сабах-намаз), по што читаа делови од Куранот.
Ербаш присуствуваше заедно со верниците на молитвата и учењето Куран во џамијата „Хаџи Бајрам Вели“ во Анкара.
По утринската молитва, Ербаш пред присутните говореше за значењето на Куранот за сите луѓе.
„Луѓето кои не знаат за Куранот непријателски се настроени кон оваа книга. Би сакал да знаат повеќе за Куранот. Затоа мора да се обидеме да го објасниме Куранот на што поголем број луѓе“, рече Ербаш.
Истакна дека исламот е религија на милоста, сочувството и мирот.
„Оттука сакам да му се обратам на целиот свет. Куранот не е само книга испратена на муслиманите, тоа е книга испратена до сите луѓе. Запознајте го Куранот, разберете го, бидете пријател на Куранот, а не негов непријател, бидејќи Куранот е книга спасител на сите нас.“
Тој додаде дека исламот е најголемиот благослов што е испратен на човештвото.
„Како луѓе, ние мора да живееме почитувајќи ја религијата, книгата, расата едни на други“, рече Ербаш.
Расмус Палудан, лидерот на екстремно десничарската данска партија Цврст курс (Страм Курс), вчера запали примерок од светата книга Куран пред турската Амбасада во Стокхолм.
Палудан беше опкружен од бројни припадници на полицијата додека го изведуваше чинот на палење на Куранот во близина на турската Амбасада.