Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
25 Февруари 2022•Ажурирај: 28 Февруари 2022
АНКАРА
Третиот „хуманитарен воз“, со 994 тони итна помош за Авганистан под координација на Владата на Турција, денеска тргна од турскиот главен град Анкара, известува Агенција Анадолија (АА).
Најновата пратка, која тргна на пат долг 4.168 километри, носи помош од 16 хуманитарни организации во 62 вагони, координирана од турската Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД).
Меѓу присутните на испраќањето на возот беа турски функционери, вклучително и заменикот-министер за внатрешни работи, заедно со претставниците од хуманитарните групи, АФАД и Управата за верски работи на Турција.
Во соопштението на АФАД се вели дека возот носи 994 тони храна, облека, ќебиња, како и предмети за лична нега.
На 27 јануари, првата пратка која беше пренесена од два воза со 47 вагони транспортирајќи 750 тони помош ја напуштија Анкара и стигнаа во Авганистан на 7 февруари.
На 11 февруари, втората хуманитарна пратка беше пренесена од воз со 45 вагони кој транспортираше 921 тон итна помош. Возот по напуштањето на Анкара, во Авганистан стигна на 23 февруари.
Според Канцеларијата за хуманитарна координација на ОН (OCHA), половина од населението во Авганистан сега се соочува со акутен глад, додека преку 9 милиони луѓе се раселени, а милиони деца не следат настава.
Обединетите нации и нивните партнери претходно упатија апел за финансирање од 4,4 милијарди долари за да се избегне хуманитарната катастрофа во Авганистан.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, исто така предупредувајќи дека милиони Авганистанци се на работ на смртта, од меѓународната заедница побара да ги ослободи замрзнатите средства на земјата погодена од конфликт.