Nilay Kar
26 Мај 2019•Ажурирај: 27 Мај 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Речиси 330.000 Сиријци од Турција се вратија во своите домови откако Турција успешно ги заврши антитерористичките операции во северниот дел на Сирија, истакна турскиот министер за внатрешни работи, јавува Anadolu Agency (AA).
Во своето обраќање во Истанбул, Сулејман Сојлу рече дека од Сирија се вратиле 329.000 лица, благодарение на мирот обезбеден во Африн и областа ослободена со операцијата „Штитот на Еуфрат“.
Турција во моментов е домаќин на околу 4 милиони сириски бегалци - повеќе од која било земја во светот - од кои многумина се враќаат во регионот откако во 2016 година преку турските антитерористички операции беа воспоставени стабилност и мир.
„Околу 41.000 авганистански мигранти оваа година по илегален пат влегле во Турција, а околу половина од нив, околу 20.500, беа вратени назад“, додаде Сојлу.
Од 2016 година, операциите на Турција „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“ во северна Сирија го ослободија регионот од терористите на ЈПГ/ПКК и ДЕАШ, вклучувајќи ги и Ал Баб, Африн и Азаз, што им овозможи на Сиријците кои избегаа од судирите да се вратат дома.
Сирија само што почна да излегува од војната што започна во 2011 година, кога режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад ги разби демонстрациите со неочекувана жестокост.
Стотици илјади цивили беа убиени или раселени во судирите главно од воздушни напади насочени кон областите под контрола на опозицијата.