Firdevs Yüksel
06 Декември 2018•Ажурирај: 06 Декември 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Денес во Истанбул започна тркалезната маса на турско-руските енергетски експерти, на која ќе се разговара за економската соработка, особено на полето на природниот гас, јавува Anadolu Agency (AA).
Состанокот, чиј домаќин е Anadolu Agency во соработка со руската новинска агенција ТАСС, ќе се состои од две сесии, насловени „Природниот гас во идниот енергетски микс“, модерирана од главниот уредник на ТАСС, Максим Филимонов и „„Турскиот тек“ за иднината на Турција во однос на природниот гас“, модерирана од заменик-директорот на енергетскиот деск на АА, Бариш Саглам.
На состанокот ќе учествуваат руските експерти - Данила Бочкарев, виш соработник за енергетска безбедност на Институтот „Исток, Запад“; Константин Симонов, директор на Рускиот национален енергетски фонд за безбедност; Роман Самсонов, раководител на Центарот за гас и арктичка енергија на московското бизнис-училиште „Сколково“ и Виталиј Јермаков, раководител на Центарот за енергетски политички истражувања на Високата школа за економија.
Турските експерти кои ќе земат учество на состанокот се Ердал Танас Караѓол од Отсекот за економија на Универзитетот „Јилдирим Бејазит“; Сохбет Карбуз, директор на Медитеранската опсерваторија за енергетика (ОМЕ) на отсекот Јаглеводороди; Волкан Оздемир, претседател на Институтот за енергетски пазари и политики (EPPEN) и Јашар Арслан, претседател на турската Асоцијација на дистрибутери на природен гас (GAZBIR).
Сите учесници, меѓу кои и водечки професори и енергетски експерти од двете земји, се очекува да разговараат за односите помеѓу Турција и Русија во областа на енергетиката, како и за сегашните и идните проекти, особено за гасоводот „Турски тек“.
„Турски тек“ е гасовод за пренос на природен гас преку Црното Море од Русија до Турција.
Проектот се состои од две линии, секоја со должина од 930 километри и вкупен капацитет од 31,5 милијарди метри кубни.
Турција ќе добива 15,75 милијарди метри кубни гас, додека преостанатиот капацитет ќе биде испратен во Европа.