Солената пештера во турски Чанкири од времето на Хетитите привлече околу 1,8 милиони посетители
Пештерата се наоѓа на околу 20 километри од центарот на Чанкири и располага со затворен простор од 24.000 квадратни метри
ЧАНКИРИ (AA) – Солената пештера во турската област Чанкири, во која уште од периодот на Хетитите се добивала сол и која е позната како „Подземен град на солта“, во 2025 година привлече околу 1,8 милиони посетители, со што стана најпосетуваната туристичка локација во градот, јавува Анадолу.
Пештерата се наоѓа на околу 20 километри од центарот на Чанкири и располага со затворен простор од 24.000 квадратни метри.
Таа буди голем интерес кај посетителите со своите историски содржини, меѓу кои се и добро сочувано препарирано магаре старо околу 200 години, како и други препарирани животни, бројни скулптури и уметнички дела.

Во рамки на фестивалите што ги организира Општина Чанкири, пештерата секоја година пречекува илјадници посетители, а со тековните активности се планира да биде домаќин и на настани од областа на здравствениот туризам, културата, уметноста и спортот.
Градоначалникот на Чанкири, Исмаил Хаки Есен, во изјава за АА истакна дека 2025 година била исклучително успешна во однос на посетеноста.
„Во 2024 година бројот на посетители на Подземниот град на солта надмина 1,5 милиони и секоја година тој број расте. Оваа година го зголемивме за околу 20 проценти и достигнавме 1,8 милиони посетители. И покрај тоа што е зимска сезона, пештерата сè уште е отворена. Планираме дополнителни простори, но поради големата посетеност досега не успеавме да започнеме со градежните работи. Се надевам дека следната година бројот ќе биде уште поголем“, изјави Есен.

Тој додаде дека најголемиот дел од посетителите доаѓаат од околните покраини, но дека во последно време се забележува и раст на меѓународни посетители, особено за време на викендите, кога во Чанкири пристигнуваат голем број туристички автобуси.
Есен нагласи дека досегашните промотивни активности дале значителен придонес за зголемување на интересот за пештерата.
„Туристичкиот воз ‘Туз експрес’ и активностите што ги спроведовме во областа на здравството имаа големо влијание. Следната година посетителите ќе видат сосема поинаква солена пештера, со нови дополнителни простори“, рече тој.

Градоначалникот потсети дека пештерата претходно имала затворен простор од 18.000 квадратни метри, но со новите проширувања тој достигнал 24.000 квадратни метри.
„Со унапредување на просторот наменет за здравствен туризам, ќе ја поставиме Чанкири и на меѓународната здравствена туристичка мапа. Водиме разговори со бројни домашни и странски туристички агенции. Понекогаш не можеме да ги примиме сите посетители поради големите групи. Со создавање соодветна инфраструктура, целта ни е Чанкири да стане туристички град. Пештерата, чии активности ги започнавме пред пет години, секоја година сè повеќе придонесува за туризмот во градот. Верувам дека во наредниот период овие бројки значително ќе се зголемат“, истакна Есен.
