Mücahit Türetken,Çiğdem Alyanak
17 Октомври 2018•Ажурирај: 17 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Саудиските официјални лица, кои се дел од заедничката работна група формирана по повод исчезнувањето на колумнистот на „Вашингтон пост“ (The Washington Post), Џaмал Кашоги, по влегувањето во саудискиот Конзулат во Истанбул, дојдоа во резиденцијата на саудискиот Конзулат.
Во резиденцијата на генералниот конзул на Саудиска Арабија во Истанбул, Мухамед ел Утејби, влегоа четири возила со цивилни регистарски ознаки и едно службено возило.
Новинарот на Anadolu Agency (AA) дознава дека во возилата се наоѓале саудиски официјални лица кои се дел од работната група формирана во врска со случајот на исчезнувањето на саудискиот новинар Џaмал Кашоги.
Истовремено, се очекува и доаѓање на турската делегација во резиденцијата.
Новинарот и колумнист на „Вашингтон пост“ исчезна на 2 октомври откако влезе во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул. Познат е и како критичар на политиката што ја води актуелната власт на Саудиска Арабија. Кашоги го поддржуваше и весникот „Ал Ватан“ (Al Watan), кој претставува главна пратформа на саудиските реформисти.
Во Турција е започната истрага за неговото исчезнување, а репортер на агенцијата „Ројтерс“ (Reuters) претходно јави дека Кашоги е убиен во Kонзулатот, откако неколку дена минал во заробеништво. Истото тврдење го објави и Асоцијацијата на турски и арапски медиуми, коjа тврди дека има и докази.