Kemal Karadağ
07 Декември 2020•Ажурирај: 08 Декември 2020
АНКАРА
Поранешниот член на Државниот совет на Република Турција (Данистај), Рамазан Ерол, е осуден на затвор во траење од седум години и шест месеци поради членство во терористичката организација ФЕТО, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ерол, кој на рочиштето пред Судот во Анкара присуствуваше заедно со адвокат, ја негираше вината, велејќи дека не е припадник на терористичката организација ФЕТО.
Претседателот на Судскиот совет, Маруф Аликаноглу, потоа ја прочита пресудата според која Ерол поради членство во терористичката организација ФЕТО е осуден на шест години затвор, а поради терористичките злосторства казната му е зголемена за половина од изречената, односно вкупно девет години.
Во пресудата се наведува дека Судскиот совет сепак, одлучил да му ја намали казната и дека му е изречена казна затвор во траење од седум години и шест месеци. Изречена му е исто така и мерка за забрана на патувања во странство.
Терористичката организација ФЕТО стои зад крвавиот обид за пуч во Турција ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.