Nilay Kar
08 Ноември 2017•Ажурирај: 09 Ноември 2017
ХАТАЈ - (АА) - Сопствениците на ресторани и кафулиња во еден од античките градови во Турција се надеваат дека неодамнешното доделување на статусот „Град на гастрономијата“ од страна на УНЕСКО ќе го зголеми развојот на локалната економија, пишува Anadolu Agency (AA).
Хатај заедно со уште неколку градови од светот минатата недела беше прогласен за град со карактеристична, исклучителна кујна.
Регионот којшто граничи со Медитеранот и со Сирија е познат по својата посебна храна, што ја одразува измешаната турска и арапска историја на подрачјето.
Сабахатин Наџиоглу, челникот на туристичката асоцијација во Хатај, истакна дека кујната на Хатај вклучува околу 600 јадења карактеристични за тој регион.
„Треба да ја претставуваме оваа титула на најдобар начин", изјави Наџиоглу за AA. „Сите трговци вo Хатај имаат полни раце работа“.
Градот Хатај, исто така познат и како Антакија, со векови е туристичка дестинација. Основан од еден од генералите на Александар Велики како Антиохија, градот бил еден од центрите на раното христијанство.
Меѓутоа, во последниве години неговата близина со подрачјето на Сирија одвраќа многумина посетители.
„Отсега па натаму, гастрономскиот туризам, исто така, ќе биде во првите редови, заедно со културата и со верскиот туризам", рече Наџиоглу.
Мустафа Сербаш, слаткар кој се специјализирал во изработката на десертот со сирење, кунефе, е воодушевен од тоа што Хатај е на листата од осум градови карактеристични и издвоени според храната што ја нудат.
„Ние веќе знаевме дека Хатај е град на гастрономијата, но отсега целиот свет ќе го знае тоа“, вели тој. „Тоа е наша гордост“.
Менаџерот Јусуф Езер додаде: „Се надевам дека ќе бидеме домаќини на многу повеќе посетители, благодарение на вкусовите што ги подготвуваме. Ова ќе даде голем придонес во градот“.
Бахир Муратоглу, готвач на регионални деликатеси, како што е плоснатиот леб со буковец, исто така предвидува дека ќе се зголеми бројот на посетителите
„За ова ќе се слушне во целиот свет и многу странски посетители ќе дојдат во нашиот град“, рече тој. „Со задоволство ќе ги пречекаме“.
Меѓу 64-те градови што минатата недела беа именувани како Креативни градови од страна на УНЕСКО, беа Истанбул, кој беше именуван за „Град на дизајнот“, и Ќутахија, кој го доби статусот „Град на занаетите и на народната уметност“.
Мрежата на креативни градови беше основана во 2004 година, со цел зголемување на соработката меѓу градовите. Таа опфаќа занаети и народната уметност, дизајн, филм, гастрономија, литература, музика и медиумски уметности.