İsmail Kaya
31 Јули 2018•Ажурирај: 01 Август 2018
АДИЈАМАН (АА) - ИСМАИЛ КАЈА -
Планината Немрут во југоисточна Турција, со својот врв со надморска височина од 2.134 метри, се смета за место од кое може да се види најубавото изгрејсонце и зајдисонце, поради тоа не е за чудење фактот што туристите покажуваат сè поголем интерес за неа, пишува Anadolu Agency (AA).
Планината во 1987 година е ставена на листата на светско наследство на УНЕСКО, а на врвот се наоѓаат гробниците на Антиох I Комагенски. Позната е и по тоа што на неа се наоѓаат скулптури на божества и кралеви.

Комагена е кралство кое егзистирало во југоисточниот дел на денешна Турција во хеленистичкиот период и тоа на границата со денешна Сирија. Кралот Антиох Први Комагенски во 62 година пр. н. е. на врвот на планината Немрут изградил гробно светилиште обиколено со колосални скулптури кои го претставувале него, два лава и разни грчки, ерменски и персиски божества. Подоцна, главите им се одвоени од телата и денес лежат расфрлани по целиот локалитет. Уште еден фактор кој го забрзува уништувањето на скулптурите е тоа што тие секоја година се затрупани под снег скоро половина година. Токму тоа е причината што турските власти се обидуваат да го заштитат ова непроценливо културно наследство.
Планината Немрут од јануари до јуни ја посетија над 40.000 туристи.

Директорот на Одделот за култура и туризам на Адијаман, Мустафа Екинџи, изјави дека им е мило поради зголемениот интерес за планината Немрут.
„Планината Немрут оваа година ја посетија над 45.000 туристи. Од нив 14.000 се странски посетители. Најголем број посетители очекуваме во септември, октомври и во ноември. Нашата цел е оваа година да има над 100.000 посетители“, нагласи Екинџи.
Тој додаде дека најголем дел од странските туристи доаѓаат од Јапонија.