Sevgi Ceren Gökkoyun
11 Март 2021•Ажурирај: 12 Март 2021
АНКАРА
Министерот за индустрија и технологија на Турција, Мустафа Варанк, изјави дека веќе во април на пазарот ќе се појават паметните телефони „Ксијаоми“, кои се произведени во Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството за индустрија и технологија се наведува дека министерот Варанк ја посетил фабриката на кинескиот технолошки гигант „Ксијаоми“ во Истанбул.
„Телефоните произведени во оваа фабрика веќе од наредниот месец ќе започнат да се продаваат во Турција“, изјави турскиот министер.

Од Министерството за индустрија и технологија наведоа дека во производствениот погон на „Ксијаоми“ се продолжува пробното производство на паметните телефони од оваа компанија.
„Како што знаете, „Ксијаоми“ е глобална технолошка компанија. Станува збор за компанија чие седиште е во Кина, но која како бренд се искачува кон светскиот врв и е една од најсилните глобални компании. Исто така, „Ксијаоми“ своите телефони од сега започнува да ги произведува и во Турција“, изјави Варанк.
Тој посочи дека стратегијата на компанијата е обично организирање на производство со партнери, додавајќи дека соработуваат со компанијата „Салкомп“ во Турција.

Според зборовите на министерот Варанк, во објектите во Турција годишно би требало да се произведуваат околу 5 милиони телефони на компанијата „Ксијаоми“.
„Многу сме задоволни што глобалните технолошки компании инвестираат во Турција и што искажуваат интерес за Турција. Кога во фабриката „Ксијаоми“ ќе започне производството во полн капацитет, тука ќе бидат вработени околу 2 илјади наши граѓани“, изјави Варанк.
„Ксијаоми“ моментално е една од најпопуларните кинески компании, особено во областа на производството на паметните телефони.