Murat Temizer
09 Септември 2020•Ажурирај: 10 Септември 2020
АНКАРА
- Мурат ТЕМИЗЕР
Откривањето на природен гас во Црното Море во подрачјето на турската област Сакарја е прво по големина откритие оваа година во светските мориња, а второ меѓу сите откритија направени на копно и море.
Според информациите до кои дојде новинарот на АА, вкупната вредност на 10-те најголеми откритија во 2020 година е еквивалетна на приближно 19 милијарди барели нафта.
Турција, на општата листа на откритија се наоѓа на второто место со откривањето на 320 милијарди кубни метри природен гас (што е еквивалентно на 1,9 милијарда барели нафта), а прва на листата на откритија спроведени во морињата.
Обединетите Арапски Емирати се наоѓаат на првото место на листата на земји со најголемо откритие во оваа година, кое е еквивалентно на 14 милијарди барели нафта. На третото место се наоѓа Русија со откритие еквивалентно на 1,3 милијарда барели нафта. На четвртото и петтото место се наоѓа Суринам со откритија кои се еквивалентни на 730 милиони и 613 милиони барели нафта, а по неа следуваат Гвајана, Мексико, САД и Велика Британија.
- „Пресвртна точка за Турција“
Министерот за енергетика и природни ресурси на Турција, Фатих Дoнмез, за АА истакна дека откривањето на наоѓалиштето на природен гас на подрачјето на Сакарја претставува пресвртна точка за Турција.
Изјавувајќи дека со ова откритие е добиен најконкретен резултат на Националната политика за енергетика и рударство во областа на јаглеводороди, министерот Донмез истакна: „Набавката на бродови, нивното работење и непрекинатото продолжување на операциите, и покрај сите видови пречки, е показател дека Турција никогаш нема да направи чекор назад од патот во кој верува. Денес, земјите од регионот, со нивните политики кои се засновани врз хаос, треба да имаат на ум дека ќе бидат разочарани сѐ додека го игнорираат овој факт и ја игнорираат одлучноста на Турција.“
Посочувајќи дека откритието е резултат на долгорочна политика, Донмез продолжи со зборовите:
„Започнавме сеизмички студии во регионот 14 месеци пред откритието. Откако нашите пријатели изјавија дека регионот е место кое влева надеж, го повлековме бродот „Фатих“ од неговата работа во Средоземното Море и го префрливме во Црното Море. Благодарение на сондажата што ја започнавме на 20 јули, до откритието дојдовме во период пократок од еден месец. Сега пред нас стојат уште два слоја подолу до кои ќе слеземе. Податоците покажуваат дека резервите од 320 милијарди кубни метри можат да претрпат ревизија кон повисоки вредности. Нашето откритие се наоѓа на првото место меѓу откритијата во морињата во 2020 година. Нашето откритие од 320 милијарди кубни метри природен гас кои се еквивалентни на 1,9 милијарда барели нафта го следи Русија со откритието кое е еквивалентно на 1,3 милијарда барели нафта.“
Министерот Донмез, истакнувајќи дека земајќи ги предвид сите овогодишни откритија направени на копно и море во светот, Турција се наоѓа на второто место, веднаш зад откритието што ОАЕ го направија на копно, продолжи со зборовите: „Сепак, тука не треба да се занемари еден факт, а тоа е дека првенствено подрачјето во кое се наоѓаат заливските земји е богато со полиња на нафта и природен гас. Овој регион е дом на најголемите наоѓалишта на нафта и природен гас во светот. Како второ, откритието во Обединетите Арапски Емирати е направено на копно, при што сондажите на копно и од финансиски аспект, и од оперативен аспект, се многу попогодни од оние што се прават на море.“
Потсетувајќи дека сеизмичките испитувања биле спроведени во регион кој никогаш претходно не бил истаражуван во Црното Море, министерот Донмез изјави дека се спроведуваат сеизмички истражувања и во околните подрачја со цел проширување на полето.
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, се осврна на ова прашање во својот говор пред нацијата по состанокот на Претседателскиот кабинет одржан во Претседателскиот комплекс на 7 септември.
Ердоган во таа пригода изјави: „Резервите на природен гас во Сакарја се втор по големина откриен ресурс во светот оваа година, кој е еквивалент на 1,9 милијарда барели нафта. Покрај тоа, ова откритие е едно од ретките резерви во светот од аспект на квалитетот на гасот. Се надевам дека оваа радост ќе ја зголемиме уште повеќе со нови добри вести од Црното Море и Медитеранот.“