Merve Berker
17 Август 2022•Ажурирај: 19 Август 2022
АНКАРА (АА) - Повеќе од четвртина од житото и други прехранбени производи извезени од Украина стигнаа до Туркије откако беше постигнат историски договор за обновување на испораките од украинските пристаништа на Црното Море, соопштија вчера Обединетите нации, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од 1 август Туркије прими 26 отсто од пратките, а потоа следуваат Иран и Јужна Кореја со по 22 отсто, покажуваат податоците на Заедничкиот координативен центар (JCC) во Истанбул, кој го следи транспортот.
Кина доби 8 отсто од извезеното украинско жито, Ирска 6 отсто, Италија 5 отсто, Џибути 4 и Романија 2 отсто.
„Од 1 до 15 август Заедничкиот координативен центар одобри вкупно 36 движења на бродови низ поморскиот хуманитарен коридор во Црното Море за да се олесни безбедниот извоз на жито, прехранбени производи и ѓубрива, вклучително и амонијак, од украинското пристаниште“, соопшти центарот.
Се вели дека бродовите превезувале вкупно 563.317 метрички тони жито и други прехранбени производи.
Со посредство на Туркије и Обединетите нации, на 22 јули во Истанбул, Украина и Русија потпишаа договор за обновување на украинската испорака на жито од три црноморски пристаништа. Согласно со договорот, формиран е координативен центар кој ќе врши заеднички контроли на влезовите и излезите на пристаништата, обезбедувајќи ја безбедноста на рутите. Првиот брод отплови на 1 август.
Заедничкиот координативен центар во Истанбул официјално почна да функционира на 27 јули, а го сочинуваат претставници на трите земји и на ОН.
Од првото испловување на 1 август, вкупно 21 брод со жито ги напуштија украинските пристаништа, благодарение на договорот.