Meriç Ürer
22 Јуни 2020•Ажурирај: 23 Јуни 2020
ИЗМИР (АА) - Правосудните институции на Турција им одредија притвор на 438 лица од вкупно 847 приведени осомничени во истрагата за елементите на терористичката организација ФЕТО инфилтрирани во Турските вооружени сили, кои со местење на испитите се здобија со офицерски чинови, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турското Државно обвинителство во Измир води опсежна истрага за инфилтрираните елементи на ФЕТО во турската Војска, а досега се издадени налози за лишување од слобода на вкупно 928 осомничени лица, меѓу кои 631 војник во активна служба.
Постапувајќи по налог на Обвинителството, турската полиција од 19 ноември минатата година до 20 јуни низ Турција спроведе шест големи операции во кои се приведени 847 осомничени лица, а во тек е потрагата по останатите 81 осомничен.
По кривичната постапка, турското правосудство одреди притвор за 438 приведени лица, а на 241 осомничен им се изречени мерки на забрана, додека 145 осомничени го прифатија статусот на сведок покајник и ќе се бранат од слобода. На слобода без изречени мерки на забрана пуштени се 23 приведени лица.
Сите осомничени во истрагата се товарат за инфилтрирање во Турските вооружени сили како терористи на ФЕТО, за комуникација со надредените припадници на ФЕТО преку шифрирани телефонски линии или јавни телефонски говорници во кантините, како и за местење и лажирање на резултатите од испитите за доделување офицерски чинови.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на таа терористичка организација со години, преку местење на испитите, напредуваа во службата, на тој начин инфилтрирајќи се во институциите на државата. Потоа, прво во декември 2013 година, приврзаниците на ФЕТО во турското правосудство се обидоа со монтиран процес за наводна корупција да процесуираат бројни високи претставници.
Неколку години подоцна уследи крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч што го извршија офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската Војска.
Истрагата за терористичката организација ФЕТО покажа дека станува збор за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските власти. За време на обидот за пуч во Турција загинаа 251 лице, а околу 2.200 беа повредени.