Sarp Özer
21 Јануари 2018•Ажурирај: 22 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Началникот на Генералштабот на турската војска, генерал Хулуси Акар, имаше телефонски разговор со својот ирански колега, генералот Мухамед Багхири, пренесува Anadolu Agency (AA).
Генералштабот на турската војска соопшти дека главна тема на разговорот била моменталната ситуација во Сирија и соработката на Турција и Иран во борбата против тероризмот во регионот.
Паралелно со тоа, началникот на турскиот Генералштаб Акар, денеска ја посети воената база во Хатај, во која се сместени единиците на турската војска која учествува во операцијата „Маслинова гранка“ на подрачјето на Африн, Сирија.
Турските сили вчера ја започнаа операцијата „Маслинова гранка“ во Африн со цел воспоставување на безбедност во пограничното подрачје, неутрализација на терористичките елементи на ПЈД/ПКК и ДЕАШ, ослободување на територијата која под окупација ја држат терористите и спас на братскиот народ на тоа подрачје.
Операцијата во Африн е започната во рамките на правото на Турција засновано на меѓународното право и на резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено оние кои се однесуваат на борбата против тероризмот, 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014). Турција се повикува и на член 51 од Договорот на ОН, односно Правото на самоодбрана.
Операцијата се спроведува со почитување на територијалниот интегритет на Сирија. Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад во јули 2012 година, без судири им ја препуштија контролата врз Африн на терористите на ПЈД/ПКК. Тој стана еден од главните центри на таа терористичка организација.
Терористите на ПЈД/ПКК моментално под окупација држат 65 отсто од сириско-турската граница, а во Африн се наоѓаат од 8 000 до 10 000 терористи.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК која се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и Европската Унија. ПКК од средината на 1980-те години води терористичка кампања против Турција. Досега во тие терористички напади животот го загубија околу 40 000 лица.