Behlül Çetinkaya
19 Октомври 2021•Ажурирај: 20 Октомври 2021
АНКАРА
Министерството за надворешни работи (МНР) на Турција денеска на разговор ги повика претставниците на дипломатските претставништва на десет земји, по нивното огласување во врска со судската постапка во која е опфатен и бизнисменот Осман Кавала, јавува Агенција Анадолија (АА).
Осман Кавала е еден од вкупно 52 обвинети во судската постапка што е во тек, а е поврзан со случаите за обид за пуч во Турција во 2016 година на терористичката организација ФЕТО и настанот во паркот „Гези“.
Амбасадите на Соединетите Американски Држави (САД), Германија, Данска, Финска, Франција, Холандија, Шведска, Канада, Норвешка и Нов Зеланд овие денови се огласија преку профилите на социјалните мрежи, тврдејќи дека процесот против Осман Кавала фрла сенка на демократијата и владеењето на правата во Турција и апелираа Кавала да биде ослободен.
По објавувањето на социјалните мрежи, Министерството за внатрешни работи на разговор ги повика амбасадорите на споменатите земји на кои утринава им беше пренесено дека нивните изјави се претерани и неприфатливи.
„Изјавата што ја упатија амбасадорите на споменатите земји на социјалните мрежи, во врска со правната постапка што ја спроведува независното правосудство, ја оценуваме како неприфатлива, обид за политизирање на правните процеси и вршење притисок врз турското правосудство и како таква ја отфрламе. Во текот на разговорот е пренесено дека изјавите се во спротивност на владеењето на правото, демократијата и независноста на правосудството, она за што амбасадорите тврдат дека го штитат“, порачаа од Министерството.
На амбасадорите им е исто така пренесено дека како што е запишано во Уставот, Турција е демократска правна држава, која ги почитува човековите права и потсетија дека такви неодговорни изјави нема да влијаат врз турското правосудство.
Во соопштението е истакнато дека постојаното и упорно држење на предметот „Кавала“ на дневен ред претставува „пристап на двојни стандарди“.
Амбасадорите се предупредени да останат во рамките на своите должности кон Виенската конвенција.