Ekipa
19 Октомври 2019•Ажурирај: 21 Октомври 2019
ДИЈАРБАКИР (АА) - Поддршка со мирни протести кои пред седиштето на Народната демократска партија (HDP) во Дијарбакир, Турција, започнаа на 3 септември, на кои мајките и татковците бараат да им се вратат децата однесени во терористичките кампови на ПКК, пружија и членките на повеќе здруженија од Босна и Херцеговина (БиХ), јавува Anadolu Agency (AA).
Членките на неколку здруженија од Босна и Херцеговина на мајките од Дијарбакир им го подарија „Цветот на Сребреница“ и им пружија поддршка во нивната борба.
Средбата мина многу емотивно, а мајките од двете земји ја делеа истата болка.
Хамза Јавуз, претседател на Управниот одбор на Здружението на Бошњаците во Измир, рече дека во Дијарбакир дошле со околу 100 мајки и претставнички на 17 здруженија во БиХ.
Јавуз потсети дека мајките од Дијарбакир сакаат да им се вратат грабнатите деца.
Тој појасни дека мајките од БиХ во Турција дошле во рамките на проектот „Рака под рака мајките од Босна и Турција“.
„Ова се мајки кои го разбираат она низ што минуваат мајките од Дијарбакир. Дојдоа да им бидат поддршка и да им честитаат за нивната храброст. Мајките се тука и за да ѝ пружат поддршка на Турција во борбата против тероризмот. Ние го осудуваме секој вид тероризам. Сакаме луѓето да живеат во мир и овие мајки и нивните деца да бидат во своите домови, училишта и паркови“, рече Јавуз.
Секретарката на Здружението на жртвите од војната „Фоча 92-95“, Мидета Калопер-Орули, рече дека кога БиХ беше во војна, мајките од Турција биле покрај нив.
„Нам ни се прават обиди да ни се наметне дека Турција е во војна. Не, Турција не е во војна. Турција се бори само против терористите и против тероризмот. Затоа ние, мајките од БиХ минавме долг пат, со искрени намери, да ги поддржиме мајките од Дијарбакир и мајките од цела Турција“, рече Орули.
Додаде дека сочувствува со мајките од Дијарбакир бидејќи и таа на свои 19 години била грабната.
Ги повика мајките да бидат храбри, да истрајат во својата борба и упати молитва децата да им бидат вратени.