Meltem Yılmaz Karakurum
03 Јули 2022•Ажурирај: 04 Јули 2022
ТРАБЗОН (АА) - Древниот манастир Сумела во црноморската област Трабзон во Туркије повторно го привлекува вниманието на посетителите со својата историја, култура и природно опкружување, известува Агенција Анадолија (АА).
Манастирот кој е изграден на стрмна карпа на планината Карадаг, во областа Трабзон, од 2000 година се наоѓа и на привремената листа на светско наследство на УНЕСКО. Манастирот е буквално врежан во карпа, на надморска височина од 1.200 метри. Се наоѓа веднаш над бездна, што го прави исклучително географски, историски и културолошки значаен, но и туристички атрактивен.
Овој манастир, сместен над долината Алтиндере, по пауза од 88 години повторно беше отворен за верски обреди на 15 август 2010 година.
Поради опасноста од одрони, овој светски познат манастир и една од најважните дестинации на верскиот туризам во Туркије, беше затворен за посетителите во септември 2015 година.

Обновата на манастирскиот комплекс започна во февруари 2016 година и заврши по уредувањето на геолошките и геотехничките истражувања и зацврстувањето на карпите.
Древниот објект повторно е отворен за посетителите на 1 јули минатата година, а привремено е затворен на 1 ноември поради опасноста од одрони. Манастирот повторно е отворен во мај оваа година.
Од повторното отворање минатата година манастирот беше домаќин на 217.000 туристи, кои имаа можност да уживаат и во пешачење, ридски велосипедизам, фотосафари, но и во единствената глетка што ја пружа локацијата на манастирот.

Садик Карачоџук, 83-годишен посетител од Измир, егејскиот дел на Туркије, рече дека подолго време планирал да го посети манастирот Сумела, но морал да пронајде туристичка компанија која ќе му ја организира посетата.
„Тука има навистина убави места кои вредат да се посетат“, изјави Карачоџук.
Хајрије Коркмаз, посетителка на манастирот Сумела, рече:
„Од манастирот имате глетка која ви овозможува да ги видите сите нијанси на зелената боја.“
