Muhammet Emin Avundukluoğlu
16 Февруари 2021•Ажурирај: 16 Февруари 2021
АНКАРА (АА) - Лидерот на Партијата за национално движење (МХП), Девлет Бахчели, денес повика на спроведување голема воена операција против терористичката организација ПКК во регионите Ќандил и Синџар во северен Ирак, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Турското знаме треба да се подигне во Ќандил во зори и терористичките водачи треба да бидат закопани во нивните пештери. Треба да се запалат терористичките кампови подигнати во ирачкиот град Макмур“, изјави Бахчели пред парламентарната група на неговата партија во Анкара.
Тој нагласи дека регионот Синџар во близина на ирачката граница, каде што терористичката организација ПКК има комуникациски и подрачја за трансфер, треба да биде расчистен.
„Чистењето на граничниот премин Пешабур, меѓу Сирија и северен Ирак, што е контролиран од страна на терористичката организација, е прашање на живот или смрт“, додаде тој.
Бахчели изјави дека борбата на Турција против терористите нема да продолжи на истиот начин, откако 13 турски државјани беа убиени од страна на терористите на ПКК во северноирачкиот регион Гара.
Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, во неделата изјави дека телата на 13 турски државјани се пронајдени за време на антитерористичката операција на Турција во северен Ирак.
Турските сили на 10 февруари ја започнаа операцијата „Канџа-орел 2“ со цел да ги спречат ПКК и другите терористички организации повторно да ги воспостават своите позиции што претходно беа користени за извршување на прекугранични терористички напади во Турција.
Лидерот на МХП го повтори својот повик за распуштање на Народната демократска партија (ХДП), која се товари за поврзаност со терористичката организација ПКК.
„Не можеме да кажеме дека завршивме со ПКК, дека ја уништивме, пред да постигнеме резултат со ХДП. Во овој поглед, затворањето на ХДП е од суштинско значење. Верувам дека Канцеларијата на Врховниот апелациски суд ќе го направи потребното“, рече тој.
ПКК е сепаратистичка организација којашто се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Европската Унија и во САД. За време на тридецениската терористичка кампања против Турција, терористите на ПКК убија најмалку 40.000 луѓе.