„Мало маче” од 12 килограми на третман за да ослаби со пилатес и диети
На мачката ѝ било тешко движењето поради прекумерната тежина, поради што е направен диететски план и започнат процес на вежби за намалување килограми и зголемување на моторичките способности
АНКАРА (АА) - На мачката Бонџук, која достигна тежина од речиси 12 килограми, екстремната дебелина ѝ претставува секојдневен проблем, но под надзор на тим ветеринари, со соодветен диететски режим во исхраната и пилатес вежби, цел е да ѝ се намалат седум килограми, пишува Анадолу.
На Бонџук, 8-годишна мачка Таби, тежината значително почнала да ѝ се зголемува поради намалената физичка активност.

Сопственикот веднаш го посетил ветеринарниот центар за физикална терапија и рехабилитација, каде што тим ветеринари изготвиле програма со исхрана и вежби за 8-годишната мачка.
На мачката ѝ било ограничено движењето поради прекумерната тежина, поради што е направен диететски план и започнат процес на вежби за намалување килограми и зголемување на моторичките способности.

Бонџук, која тежи 11,5 килограми, со помош на ветеринарната техничарка и физиотерапевтка Јагмур Денли, пешачи на лента за трчање, практикува пилатес и се движи на патеките со препреки и балансирање, за намалување на вишокот килограми. Цел е Бонџук да изгуби околу 7 килограми на бавен и здрав начин.
Физиотерапевтката Денли за АА изјави дека Бонџук не сака да се движи.

„Поради мрзливост, таа не се движи, а со зголемувањето на тежината, се ограничува и нејзиното движење. За нашата мачка од околу 11,5-12 килограми започнавме нов процес. Но поради возраста и вишокот килограми ќе започнеме со постепено губење тежина без да ги оптоваруваме срцето и телото“, објасни Денли.
Таа посочи дека приспособувањето на ваквите процеси е различно кај секое животно, а понекогаш поради малку агресивното однесување, на Бонџук можеби ќе ѝ биде потребно повеќе време за да се приспособи.

За програмата за вежби Денли рече: „Практикуваме пилатес, ја ставаме на лента за трчање, ја спроведуваме низ препреки и ја учиме да балансира. Бидејќи се движи надвор од својата рутинска активност и е на контролиран диететски режим, губењето на килограмите ќе трае подолго, но ќе биде побезбедно.“
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
