Cemal Aşan
05 Февруари 2020•Ажурирај: 05 Февруари 2020
ВАН (АА) - Гувернерот на областа Ван во источниот дел на Турција, Мехмет Емин Билмез, изјави дека лавина утринава ги затрупала спасувачките екипи кои учествувале во акцијата за спасување на двајцата преостанати патници од минибусот затрупан со лавина, јавува Агенција Анадолија (АА).
„25 членови на екипата затрупана од лавина се извлечени и хоспитализирани. Ја продолжуваме потрагата“, изјави Билмез.
Во местото Бахчесарај во градот Ван, во источниот дел на Турција, лавина синоќа затрупа минибус.
Гувернерот Билмез претходно изјави дека спасувачките екипи извлекле четири безживотни тела, но и дека успеале да спасат пет лица.
Билмез за АА изјави дека тој дел од земјата е погоден од обилни врнежи од снег. Истакна дека на местото на несреќата веднаш се пратени голем број спасувачки екипи и жандармерија.
„Напорите и потрагата на нашите тимови во ова подрачје продолжуваат“, изјави Билмез.