Serhat Zafer
29 Септември 2018•Ажурирај: 30 Септември 2018
СИВАС (АА) - Серхат Зафер -
На подрачјето на градот Сивас, на северниот дел на Турција, изградени се куќи по пример на домовите на Хобитите од романот и филмот „Господарот на прстените“, кои предизвикуваат голем интерес, како кај домашните, така и кај странските туристи, јавува Anadolu Agency (AA).
Токму како што може да се видат во филмот, овие куќи се дизајнирани за животот под слојот на тревата и земјата. Општината Сивас се одлучи на изградба на куќите поради серијата на романот и познатиот филм, кои имаат свои фанови низ светот.
Со завршувањето на изградбата на седум куќи завршена е втората етапа на овој проект, кој се состои од 23 „хобит куќи“. Во секоја куќа има сѐ што е потребно за оние кои ќе се одлучат во нив да поминат некое време, од кујна па сѐ до спална соба.
Началникот Сами Ајдин изјави дека очекуваат туристи како од Турција, така и надвор од нејзините граници. Според неговите зборови, владее голем интерес за престој во „хобит куќите“.
Куќите, како што рече Ајдин, се изградени во земја, така што во лето температурите се пријатни, а во зима е топло.
„Целта ни е бројот на куќите во иднина да биде од 40 до 50. Гледаме дека овој проект наиде на позитивни критики. На луѓето им се потребни вакви места. Многу се препорачуваат, бидејќи се одлични за одмор и опуштање“, изјави тој.
Тој потврди дека барања за престој во овие куќи, освен од Турција, доаѓаат и од блискоисточните земји.
„Луѓето на секое место можат да пронајдат хотели со пет ѕвездички, но тешко е да се најде место кое е во природа, место каде што децата можат мирно да си играат и каде што вие можете да се одморите“, изјави Ајдин.