Seda Sevencan
20 Февруари 2021•Ажурирај: 22 Февруари 2021
АНКАРА
Министерот за здравство на Република Турција, Фахретин Коџа, најави дека Турција од 1 март ќе почне со постепена нормализација на рестриктивните мерки воведени во текот на борбата против пандемијата од коронавирусот (Ковид-19), јавува Агенција Анадолија (АА).
Нагласувајќи дека Турција внимателно го спроведува планот за ублажување на рестриктивните мерки, Коџа на социјалната мрежа Твитер соопшти дека процесот ќе го започнат канцелариите на јавното здравство во турските области, коишто и ги спроведуваат мерките во согласност со критериумите и четирите степени на ризик што ги утврди ресорното турско министерство.
Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, неодамна најави дека ублажувањето на рестриктивните мерки во земјата ќе почне во март и дека турските области ќе бидат класифицирани во категориите низок, среден, висок и многу висок епидемиолошки ризик, а сето тоа во зависност од актуелната ситуација во тие единици на регионалните управи.
Во Турција од почетокот на пандемијата од Ковид-19 заразени се 2,62 милиони лица, а од последиците на заразувањето починаа 27.903 лица.
Во земјата од декември минатата година во сила се ограничувања на движењето во текот на викендите, а со цел спречување на ширењето на Ковид-19.