Kaan Bozdoğan
01 Октомври 2021•Ажурирај: 03 Октомври 2021
ИСТАНБУЛ (АА)
- Kаан БОЗДОГАН
Изминаа три години откако колумнистот на „Вашингтон пост“ (Washington Post), саудискиот новинар Џамал Кашоги, беше убиен во Генералниот конзулат на Саудиска Арабија во Истанбул на 2 октомври 2018 година, кога се пријави за спроведување брачна постапка, пишува Агенција Анадолија (АА).
Убиството на Кашоги, еден од највлијателните новинари на Блискиот Исток, и настаните што следуваа, иако изминаа неколку години, остануваат зачувани во нашите сеќавања.
Саудиска Арабија, која беше принудена пред светската јавност да го признае убиството на Кашоги, благодарение на меѓународниот притисок создаден врз основа на доказите откриени во текот на истрагата спроведена во Турција, како и вложените напори на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, и спроведената ефикасна дипломатија, одговори негативно на барањето, судењето на инволвираните во инцидентот да се води во Турција.
Кривичниот суд во Ријад осуди осуммина од 15-члениот тим за егзекуција, при што петмина беа осудени по 20 години затвор, едно лице доби казна затвор во траење од 10 години, а останатите двајца беа осудени на 7 години затвор.
Иако изминаа три години од процесот, заедно со некои неодговорени прашања, до ден-денес не е откриено местото каде што се наоѓа телото на Кашоги.
Агнес Каламард, специјалната известувачка на Обединетите нации (ОН) за вонсудски и произволни егзекуции, во својот извештај за убиството наведе дека околностите во егзекуцијата на Кашоги претставуваат чин на тортура во согласност со одредбите на Конвенцијата против тортура, потпишана и од страна на Саудиска Арабија, а фактот дека телото сѐ уште не е пронајдено, претставува кривично дело „Присилно уништување“.
Хатиџе Џенгиз, вереницата на Кашоги, за Агенција Анадолија (АА) изјави дека во изминатиот период правдата не е задоволена и истакна: „На тригодишнината од неговата смрт, сакаме да ве потсетиме дека сѐ уште треба да бидеме во потрага по правдата што не е спроведена. Оваа ситуација на која денес сме сведоци, носи сериозна загриженост од аспект на иднината. Не е само моја должност да го одржувам правото во живот и без оглед на условите, да ја бранам правдата, туку тоа е должност на сите политички одговорни луѓе.“
Изјавувајќи дека во последните десет години на Блискиот Исток има поголеми превирања и кршење на човековите права од кога било досега, Џенгиз истакна: „Најјасен показател за ситуацијата беше Џамал, кој беше жртва на свирепо убиство.“
Нагласувајќи дека не станува збор само за политичко-правно прашање, туку и за хуманитарно и морално прашање, Џенгиз истакна: „Сѐ што треба да се каже во име на иднината, веќе е потребно да се каже сега. Јас лично, оваа систуација ја гледам како испит во потрагата по правда. Речиси сите светски лидери треба да се запрашаат себеси „зошто не преземаме ништо“. Секој оној што ќе ги остави неказнети одговорните за убиството на Џамал е речиси исто толку виновен колку и одговорните.“
„Ако сакаме во иднина некои работи на Блискиот Исток да се променат на подобро, а така треба да биде, тогаш е потребно правдата да се применува неселективно за сите“, рече Џенгиз.