Seda Sevencan
11 Јануари 2021•Ажурирај: 12 Јануари 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Портпаролот на Кабинетот на претседателот, Ибрахим Калин, изјави дека транзицискиот тим на новоизбраниот американски претседател, Џо Бајден, сака да развие подобри односи со Анкара, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Бајден, додека ја извршуваше функцијата потпретседател на поранешниот претседател, Барак Обама, дојде во посета на Турција четири пати и го познава регионот. Нашите контакти со транзицискиот тим досега се многу позитивни“, изјави Калин за „Си-ен-ен турк“.
„Тие рекоа дека сакаат да развијат добри односи со Турција и да свртат нова страница“, додаде Калин.
Тој нагласи дека има три нерешени прашања меѓу Анкара и Вашингтон, имено поддршката на САД за терористичката организација ЈПГ/ПКК во Сирија уште од претходната администрација на Обама, како и нивното самозадоволство од терористичката организација ФЕТО и ембаргото за Ф-35 кон Турција.
Калин изјави дека доколку се преземат чекори во овие три области, двете земји можат да свртат нова страница во нивните односи.
За време на интервјуто, Калин исто така говореше и за неодамнешното задолжително ажурирање на правилата за приватност на популарната апликација за пораки „Ватсап“. Изразувајќи поддршка за широко распространетата реакција кон апликацијата за паметни телефони во сопственост на Фејсбук, тој рече дека најверојатно ќе ја избрише од неговиот сопствен уред.
Што се однесува до состојбата на тековната епидемија на коронавирусот во Турција, тој нагласи дека има пад кај бројот на случаи и кај смртноста.
„Ова не е доволно. Процесот на вакцинација треба да започне“, рече тој, додавајќи дека сегашните мерки на претпазливост за спречување на вирусот, како и полицискиот час, ќе останат на сила некое време.
Тој, исто така, истакна дека Турција се надева на позитивен развој на нивните односи со Грција, додавајќи дека турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, имал пријателски телефонски разговор со шефот на европската Комисија и дека двајцата европски претседатели ќе ја посетат Турција до крајот на овој месец.
Калин додаде дека министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, ќе патува наскоро во Брисел.
„Таму има поволен терен за создавање позитивна атмосфера. Можам да кажам дека работата на ова ќе даде добри резултати наскоро“, нагласи тој.