Orhan Onur Gemici
05 Март 2020•Ажурирај: 05 Март 2020
АНКАРА (AA) - Гласноговорникот на Кабинетот на турскиот претседател, Ибрахим Калин, порача дека Европската унија во однос на прашањето на обезбедување средства за помош на бегалците се служи со двојни стандарди, јавува Агенција Анадолија (АА).
Калин говореше на конференција за новинари во Анкара пред посетата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Москва, каде ќе се состане со рускиот претседател Владимир Путин, а доминантна тема на разговорите ќе биде ситуацијата во сирискиот Идлиб.
„На патот кон Москва, нашата главна рамка е итно воспоставување на примирјето во согласност со договорот за Идлиб кој го потпишавме со Руската Федерација", рече Калин и додаде дека „Турција се надева на договор во рамки на заедничко сфаќање на ситуацијата и последните случувања во Идлиб".
Коментирајќи ги најавите на режимот на Башар ал Асад за одржување избори во април во Сирија, Калин рече дека таквите избори ќе бидат неважечки и дека помеѓу нив и претходно одржаните избори нема да има никаква разлика.
„Би сакал да повторам дека тие избори нема да имаат легитимитет ниту пред нас, ниту пред сирискиот народ, ниту пред меѓународната заедница", рече Калин.
Гласноговорникот на Кабинетот на турскиот претседател порача дека ако целта е мигрантите да се вратат во своите домови сигурно, доброволно и достојанствено, условите за тоа мораат да се воспостават на сириската територија.
Калин изнесе критики на сметка на ЕУ наведувајќи дека Унијата постапува по двојни стандарди кога станува збор за обезбедување на неопходните средства за мигрантите.
„Фактот дека Европската унија во случајот на Грција, која прими 100.000 мигранти, итно ги префрлува средствата од неколку стотици милиони, додека во случајот на Турција, која прими четири милиони, говори за бирократија и процедури, не е ништо друго туку двоен стандард", порача Калин.
Калин се осврна и на ситуацијата во Либија, нагласувајќи дека меѓународната заедница конечно мора да преземе чекори.
„Гледаме дека управата на Хафтар, која нема легитимитет, го крши прогласениот прекин на огнот. Меѓународната заедница тоа мора да го види и во согласност со тоа да презеде чекори", рече Калин.