Orhan Onur Gemici,Sertaç Bulur
13 Декември 2019•Ажурирај: 14 Декември 2019
АНКАРА (AA) – Државното обвинителство на Република Турција утрово издаде налог за лишување од слобода на вкупно 148 осомничени лица за членство во терористичката организација ФЕТО, јавува Агенција Анадолија (АА).
Кабинетот на турското Обвинителство во Анкара нареди приведување на 84 осомничени лица и тоа во рамките на истрагата за инфилтрираните припадници на ФЕТО во Министерството за правда на Турција. Меѓу осомничените се 23 активни службеници на тоа министерство.
Постапувајќи по налогот, турската полиција започна акции во 16 градови и досега приведе најмалку 50 осомничени.
Исто така, Обвинителството во Анкара издаде уште еден налог за приведување на вкупно 64 осомничени лица кои се обвинети дека со кражба на приемните испити овозможиле инфилтрирање на терористите на ФЕТО во рамките на полициските структури на Турција.
Налогот е издаден врз база на спроведената истрага за кражба на испитните прашања од приемниот испит на Полицискиот колеџ од 2009 година.
Полицијата започна акција за приведување на осомничените во 24 турски градови.
ФЕТО и нејзиниот водач, Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), стојат зад неуспешниот обид за државен удар на 15 јули 2016 година во Турција, во кој загинаа 251 лице, а речиси 2.200 беа повредени.
Терористичката ФЕТО стои и зад долготрајната кампања за соборување на државниот поредок преку инфилтрација на нејзините припадници во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна.