Sertaç Bulur
16 Февруари 2021•Ажурирај: 17 Февруари 2021
АНКАРА (АА) - Во рамките на истрагата против терористичката организација ФЕТО во Турција, утринава од слобода се лишени 13 осомничени лица што биле во бегство, а меѓу кои се и двајца поранешни мајори, јавува Агенција Анадолија (АА).
Станува збор за истрага што Државното обвинителство на Турција ја води во врска со осомничени лица во бегство, кои во тајни засолништа во Анкара се обидуваат да ги обноват терористичките активности на ФЕТО.
Турската полиција утринава изврши претреси во неколку објекти што терористите на ФЕТО ги користеле за сокривање и тајни состаноци и активности, а во таа прилика се приведени 13 осомничени лица.
Меѓу приведените се и двајца поранешни мајори и тројца наставници.
За време на претресите е запленета поголема сума пари и други предмети, а приведените се предадени на надлежните правосудни институции на понатамошно процесуирање.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската Војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.