İsmet Karakaş,Cemil Murat Budak
25 Декември 2020•Ажурирај: 26 Декември 2020
АНКАРА
Обвинителството во Анкара издаде налог за апсење на повеќе десетици лица поврзани со терористичката организација ФЕТО, одговорна за крвавиот обид за државен удар во 2016 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Обвинителството се наведува дека во рамките на истрагата е издаден налог за спроведување на осомничените лица кои престојуваа во студентските домови на ФЕТО. Со кражба на прашања за испити за државна служба, кандидатите поврзани со ФЕТО со години имаа предност во однос на другите кандидати на испитите.
Полициската акција на тимовите за борба против тероризмот спроведена е во вкупно 12 града, вклучувајќи ја Анкара.
Исто така, Обвинителството во Анкара издаде налог за приведување на 17 припадници на Командата за воено воздухопловство, од кои 7 во активна служба, бидејќи е утврдено дека биле во контакт со таканаречените „имами“, кои се високопозиционирани во структурите на терористичката организација ФЕТО.
Во соопштението се наведува дека се работи за лица кои биле во контакт со таканаречените „цивилни имами“ на ФЕТО во неколку квартови во Анкара. Акцијата на приведување на осомничените ја спроведува Антитерористичката единица на Полициската управа во Анкара.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за државен удар во Турција во ноќта на 15 јули во 2016 година.
Станува збор за терористичка организација која ја предводи Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), а чија екстрадиција Турција официјално побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.