Melike Keskin
05 Ноември 2021•Ажурирај: 06 Ноември 2021
КОНИЈА (АА) - Најмалку седум лица се приведени во турскиот град Конија поради поврзаност со терористичката организација ФЕТО, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во рамките на истрагата против ФЕТО која ја спроведува Обвинителството во Конија е издаден налог за приведување на најмалку 11 лица, кои се поврзуваат со структурите на ФЕТО во турската војска.
Меѓу осомничените се двајца војници во активна служба, тројца суспендирани и шест пензионирани воени лица.
За време на утринските претреси се приведени најмалку седум осомничени, додека по останатите четворица сѐ уште се трага.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, припадниците на ФЕТО, со монтиран процес за наводна корупција, во правосудството на Турција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, што го изведоа офицерите на ФЕТО инфилтрирани во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските претставници. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа 2.734 лица.