Ahmet Akbıyık
07 Ноември 2016•Ажурирај: 08 Ноември 2016
КОЊА (АА) - Во рамките на акцијата против терористичката организација ФЕТО спроведена во 17 турски области со Коња како центар, во притвор се задржани 20 пилоти кои им се предадени на надлежните правосудни институции, јавува Anadolu Agency (AA).
Републичкото обвинителство во Коња подигна истрага против оние што давале финансиска поддршка на терористичката организација ФЕТО и кои учестувале во нејзините активности.
Меѓу пилотите што се задржани во притвор има и две жени. Петмина осомничени се пуштени на слобода со одредени мерки на забрана.
Обвинителството во Коња на 27 октомври започна акција за приведување пилоти, која беше спроведена во 17 области во Турција. За седумдесет и тројца пилоти била донесена одлука за приведување. Фатени се шеесет и деветмина,од кои по предавањето на надлежните органи, 44 се пуштени на слобода со одредени мерки на забрана.
- Исповед на еден од приведените пилоти -
Во рамките на истрагата за терористичката организација ФЕТО, изјава дал еден од приведените воени пилоти, офицер со иницијали О.С. Тој во својата изјава дадена во обвинителството рече дека во најголем број случаи, воени пилоти станувале оние лица што ѝ биле најлојални на терористичката организација ФЕТО, бидејќи како што изјави офицерот, лојалноста за оваа организација е најосновниот критериум.
Проблеми во воената служба му правел надредениот офицер Танер Бербер, член на ФЕТО, кој учествуваше во тимот за атентат врз претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган на 15 јули во Мармарис.
Зборувајќи за структурата на ФЕТО во турските воздухопловни сили, тој рече дека притисокот врз кадетите се правел уште во воените училишта, бидејќи оваа терористичка организација имала за цел во вооружените сили, особено во воздухопловните сили да инфилтрира само свои луѓе. Затоа кадетите кои не се однесувале во согласност со правилата што ги наметнувала терористичката организација ФЕТО, биле под силен притисок, сѐ до нивното откажување од службата.
Офицерот О.С. рекол дека лојалноста кон организацијата е основен критериум за напредување во службата, односно за станување пилот. Тој бил под постојан притисок од страна на својот претпоставен Танер Бербер, бидејќи ја одбивал послушноста кон надредените во „паралелната структура“ (ФЕТО/ПДС). На О.С. му било кажано дека нема да може да стане пилот, бидејќи неговата девојка била еден од командантите. Му соопштиле дека треба да се раздели од неа. Бидејќи не ги послушал да се раздели од својата девојка и не давал информации поврзани со неговите колеги и пријатели, често бил казнуван со домашен притвор, немал дозвола за излез за викенд.
„Тогаш претпоставениот офицер Танер почна да ме казнува. Во моето досие забележал разни невистини, како: ‘не може да учествува во важни задачи, не може да му се верува. Потребно е негово следење. Слаб е во однос на дисциплината. Не може самостојно да извршува задача...’, а во четврта година запишал дека имам срцеви тегоби, што го спречи моето напредување, т.е. таа година не станав пилот“, рече О.С.
Тој изјави дека трпел санкции и бидејќи одбивал да дава пари за потребите на ФЕТО.
Терористичката организација ФЕТО, која имала низа обиди за уривање на легитимната власт во Турија преку монтирани случаи, одговорна е и за крвавиот обид за државен удар што се случи на 15. јули. Терористичката организација, предводена од Фетула Ѓулен кој претстојува во САД, со години, во вид на паралелна структура, инфилтрирала свои членови во државните институции. Тие според упатствата на Ѓулен делувале со тоа што ги прислушувале највисоките службеници, ги следеле, составувале обвиненија за нив и ги процесирале, местеле тендери во корист на своите членови и на крајот извршија обид за државен удар.