Hüseyin Yıldız
01 Февруари 2018•Ажурирај: 02 Февруари 2018
ХАТАЈ (AA) - ХУСЕИН ЈИЛДИЗ -
Жителите на Африн, кои се засолнија во Турција поради прогонот од терористите на ПЈД/ПКК, чекаат успешно да заврши операцијата „Маслинова гранка“ за да се вратат во своите домови, пишува Anadolu Agency (AA).
Операцијата „Маслинова гранка“ во Африн продолжува со цел воспоставување безбедност во пограничниот појас, неутрализација на терористичките елементи на ПЈД/ПКК и ДЕАШ, ослободување на териториите окупирани од терористите и спас на братскиот народ од тоа подрачје.
Нурџан М. која со нејзините 5 деца се засолнила во Турција, ја следи операцијата и сака нејзината родна земја да биде ослободена од терористите кои насилно ја заробиле.
Таа за АА говореше за прогонот на населението од страна на терористичката организација ПЈД/ПКК во Африн, истакнувајќи дека терористите насилно ѝ ја одзеле куќата и маслиновата градина.
„Терористите дојдоа во нашата куќа во Африн и рекоа дека ќе ги одведат син ми и ќерка ми во таканаречената војска. Ни рекоа дека ќе се борат против Турците. Им дадов пари за да не им ги дадам моите деца. Нè прогласија за предавници поради тоа што син ми е во Алепо со опозицијата. Во маслиновата градина ископаа ровови. Од нивната тиранија избегав во Турција. А, од друга страна, тие донесоа терористи од градовите Дамаск и Хомс и ги сместија во домовите на луѓето што ги прогонија и киднапираа“.
Терористите им помагаат на оние што ги поддржуваат нив, но ги прогонуваат оние што не ги поддржуваат. „Се надевам дека турските војници ќе ја уништат терористичката организација во Африн и ќе се вратиме во нашата земја“, рече Нурџан.
Ебу Решит, исто така, избегал од Африн. Тој истакна дека ѝ е благодарен на Турција и на армијата.
Потсетувајќи дека сакаат да се вратат во своите домови Ебу Решит рече: „Нашата нација многу страдеше од Асад и од ПЈД/ПКК и сè уште страда. Бог нека ѝ помогне на турската армија во Африн“.