АНКАРА
Турскиот претседател, воедно и претседател на Партијата на правдата и развојот (АК Партија), Реџеп Таип Ердоган, порача дека Турција и во наредниот период ќе продолжи да презема напори за да им помогне на своите пријатели и браќа во светот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Одлучни сме во водењето на истата борба за сите пријатели и браќа кои се со нас. Тоа се вика турски модел“, изјави Ердоган во обраќањето преку видеоконференција на 140. редовен состанок на покраинските челници на АК Партијата, напоменувајќи дека оваа партија, која минатиот месец наполнила 19 години постоење, со својата работа и дејствување се докажала во политиката, администрацијата, регионалната и надворешната политика и оставила длабока трага во историјата.
Тој се осврна и на случувањата во регионот и нагласи дека Турција секогаш ќе го прави само она што е правилно и праведно.
„Со поддршка на народот, ќе продолжиме да го правиме она што е правилно, корисно и добро за нашата земја. Додека се рушат демократијата и економијата на Европа и Америка, ние и понатаму ќе продолжуваме со развој на нашата земја на сите полиња“, изјави Ердоган, додавајќи дека и понатаму ќе продолжи напорно да работи и да им служи на државата и народот.
„Да не заборавиме, борбата за праведни цели не трае до изборите, туку до гроб“, изјави Ердоган, истакнувајќи дека Турција на меѓународно ниво го докажала својот углед, силата и способностите кои ги поседува.
Тој потсети дека ја развиле визијата на развојот и целите на Турција за 2023 година која ќе одговори на надевањата и очекувањата на турскиот народ во иднина.
„Целта е во согласност со оваа визија да станеме една од 10-те најсилни држави во светот, а со ова започнавме со подготовки за многу поголеми успеси и напредок“, додаде тој.
Тој ги коментираше и последните случувања во регионот и во Источниот Медитеран, како и улогата на Франција на тоа подрачје.
„Се прашуваат: ’Зошто Турција е во Сирија? Зошто Турција е во Либија? Зошто Турција е во Источниот Медитеран? Зошто е во Африка?‘, велат: ’Зошто Турција е на Балканот, Кавказ и Централна Азија?‘ Прашуваат: ’Зошто Турција се бори толку?‘ Да се запрашаме, што всушност би се случило доколку Турција не презема олкави напори. На пример, доколку Турција во потполност се повлече, дали Сирија веднаш би уживала во мир, благосостојба и слобода? Доколку Турција се откаже од сѐ, дали Франција би се откажала од провокациите и би се свртела кон политиката со здрав разум? На пример, доколку Турција се откаже од своите права, дали Европската Унија би се откажала од двојните стандарди кои ги применува против нашата земја веќе долги години и започне да ги исполнува своите ветувања кон нас? Исто така, ќе се покае ли и ќе ни пружат ли поддршка оние кои без престан се трудат да поставуваат економски препреки на нашата земја? Освен мало малцинство, не сум видел, чул, ниту познавам некој што би одговорил на овие прашања со „да““, рече Ердоган.