Aynur Ekiz
24 Мај 2018•Ажурирај: 25 Мај 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, денес во Анкара порача дека Турција ќе биде предводник во воспоставувањето поправеден глобален поредок, јавува Anadolu Agency (AA).
Во спортскиот комплекс во Анкара, Ердоган денес ги претстави кандидатите за пратеници во турскиот Парламент на престојните парламентарни избори кои ќе се одржат на 24 јуни, а во оваа пригода ги изнесе и плановите и целите на владејачката Партија за правда и развој (АК Партија) за наредниот период.
Ердоган истакна дека се надева оти неговата партија ќе оствари голем успех како на парламентарните, така и на претседателсите избори на 24 јуни.
„Тргнуваме на пат со паролата 'Време е за Турција'. Целта е на претседателските избори да освоиме многу повеќе од 50 отсто од гласовите. Нашата нова цел е да се премести нашата земја во лигата на земји со висок приход“, изјави Ердоган.
Турскиот претседател додаде дека Турција е истрајна во својата цел, до крајот на 2023 година, стапката на учество на жените во работната сила да биде поголема од 40 отсто.
„Нашата земја ќе ја трансформираме во привлечен центар, односно земја која е успешна на полето на образованието, информирањето, комуникациите, енергетиката, одбранбената индустрија, транспортот, логистиката, трговијата и домашното производство. Ќе ги зајакнеме нашите економски и политички односи со различните регионални структури, првенствено со ЕУ“, порача Ердоган.
Осврнувајќи се на одбранбената индустрија, Ердоган изјави дека Турција на тој план нема да ги задоволи само сопствените потреби, туку ќе влезе меѓу главните извозници на светот во овој сектор.
Тој нагласи дека неговата земја ќе биде предводник во воспоставувањето слободарски и праведен глобален поредок.
„На глобално ниво ќе го предводиме воспоставувањето слободарски, сеопфатен и праведен поредок. Со вакво разбирање, Турција, како што правеше и досега, и во иднина ќе бара демократија и правда, не само за своите жители, туку и за целото човештво. Поради тоа, со одлучност ќе продолжиме со нашот повик дека светот е поголем од пет (пет членки на СБОН, заб. ав.)“, порача Ердоган.
Во фокусот на обраќањето на Ердоган беше и борбата против тероризмот.
„Борбата против терористичките организации ќе ја продолжиме без двоумење. Исто така, ќе продолжуме одлучно да се бориме против сите други организации, првенствено против ФЕТО, кои ги злоупотребуваат верските убедувања на нашите луѓе“, порача Ердоган.