Ahmet Gençtürk
08 Март 2021•Ажурирај: 08 Март 2021
АНКАРА
Турција ќе преземе нови чекори кон подобрување на општествениот и економскиот статус на жените, но и во борбата против насилството врз жените, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган по повод одбележувањето на 8 Март, Меѓународниот ден на жените, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Жените, кои сочинуваат половина од човештвото, не би требало и не смеат да бидат исклучени од политиката или од кој било друг сегмент на животот“, изјави Ердоган на состанокот на Асоцијацијата на жени на владејачката Партија за правда и развој (АК Партија).
Тој додаде дека жените сочинуваат речиси половина од 11,5 милиони членови на АК Партијата, укажувајќи на важноста што оваа партија им ја придава на жените.
Наведувајќи дека ќе биде формирана парламентарна комисија која ќе работи на борбата против насилството врз жените, Ердоган изјави дека ниту еден облик на насилство врз жените не може да се толерира.
Истакнувајќи дека жените се клучен дел од семејниот живот и култура во Турција, Ердоган изјави дека основањето посилни семејства зависи токму од жените.
„Не можеме да ја постигнеме нашата цел да станеме глобална сила без јакнење на националните и духовните темели“, изјави Ердоган и додаде дека Турција ќе го продолжи својот пат за остварување на целите поставени во визиите за 2023 и 2053 година.
Турскиот претседателот Ердоган понатаму смета дека Турција никогаш не може да им се оддолжи на жените кои дале придонес во нејзината изградба и одбраната од пучистите.
„Нашата вера и култура не ги сметаат жените за сопственост на нивните татковци или сопрузи, туку за луѓе кои имаат еднакви права како и мажите. Секое насилство врз жените е неприфатливо“, порача Ердоган.
Тој исто така порача дека Турција нема да наседне на играта на оние што не дозволуваат жената да биде мајка и човечко суштество и ја претставуваат како една единка без душа и корен.
Тој додаде дека критичарите на Турција се нарекуваат предводници во правата на жените, но дека бегаат од фактот дека убиствата на жените кај нив се повеќекратно почести отколку во Турција.