Ердоган: Турција посакува прекинот на огнот меѓу Пакистан и Индија да прерасне во траен мир, подготвена е да придонесе
„Јакнењето на нашата солидарност и капацитет за заедничко дејствување во услови на предизвици не го сметаме за избор, туку за неопходност.“

ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека Турција посакува прекинот на огнот меѓу Пакистан и Индија да прерасне во траен мир и подготвена е да даде секаков можен придонес во овој поглед, јавува Анадолу.
Зборувајќи на трилатералниот самит во Лачин, Азербејџан, заедно со својот азербејџански колега Илхам Алиев и пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, Ердоган рече: „Јакнењето на нашата солидарност и капацитет за заедничко дејствување во услови на предизвици не го сметаме за избор, туку за неопходност.“
„Развојот на настаните што се случуваат во нашиот регион покажува колку е важна солидарноста меѓу трите земји“, додаде тој.
Турција заеднички ќе придонесе во проекти, како што се Патот на развојот (Турција-Азербејџан-Пакистан), Средниот коридор и Транспортниот коридор север-југ.
„Со ослободувањето на азербејџанската територија што беше под окупација 30 години, сега се надеваме дека регионот ќе стане центар на стабилност, просперитет и развој“, изјави Ердоган.
Во врска со Газа, Ердоган рече дека се решени да продолжат да ги бранат правата на невините луѓе што беа масакрирани и вети дека ќе се спротивстават на обидите за нарушување на мирот во регионот.
Исто така, тој истакна дека Турција го повикува светот да го зголеми притисокот врз Израел за воспоставување траен прекин на огнот во Газа и да обезбеди итна хуманитарна помош.
На трилатералниот самит во Лачин, азербејџанскиот претседател рече дека неговата земја, Пакистан и Турција секогаш се залагаат за суверенитет, територијален интегритет и правда.
Тој рече дека денешниот самит има „големо симболично значење“, додавајќи дека првиот ваков самит се одржал во јули минатата година и дека е сигурен дека оваа традиција ќе продолжи.
Алиев се осврна и на енергетските односи, наведувајќи дека поради соработката на Азербејџан и Турција „енергетската карта не само на нашиот регион, туку и на пошироките простори се промени.“
Пакистанскиот премиер Шариф на самитото порача: „Да живее братството и пријателството Пакистан-Турција-Азербејџан“.
Претходно Ердоган одржа средба со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев во Азербејџан, кој го одбележува Денот на независноста на 28 мај.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.