Ali Eyvaz
01 Август 2018•Ажурирај: 01 Август 2018
АНКАРА (АА) – Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, го критикуваше заканувачкиот јазик на Соединетите Американски Држави (САД) поради судењето на американскиот свештеник Ендрју Брансон, кој беше приведен во Турција поради поврзаност со терористички организации, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган, во изјава за медиумите во Анкара, истакна дека заканувачките изјави кон Турција на никого не му носат добивка, и додаде дека Турција секогаш била солидарна со САД во рамките на НАТО.
„Ние бевме заедно со нив во Кореја, војувавме заедно со нив. Затоа, не е добро да се користи таков заканувачки јазик кон Турција со која војуваа заедно, и која сè уште е солидарна со нив на највисоко ниво во НАТО“, рече Ердоган, нагласувајќи дека Турција не им обрнува големо внимание на ваквите закани.
„Турција нема проблем со верските малцинства. Неприфатлив е заканувачкиот јазик на евангелистичкото и ционистичко мислење во САД“, додаде тој.
Ердоган рече дека Турција ќе продолжи да оди по својот пат без да направи компромис за независноста на нејзиното правосудство и нејзината слобода.
Потсетуваме, Брансон беше пренесен во домашен притвор минатата недела, откако беше приведен во Измир во декември 2016 година.
Тој се обвинува за шпионажа за ПКК, призната како терористичка организација во САД и Турција, и за терористичката организација ФЕТО, која стои зад обидот за државен удар во јули 2016 година.
САД се заканија со санкции во случај да не биде пуштен на слобода американскиот свештеник, додека Турција овој чекор на САД го нарече интервенција во нејзиното независно правосудство, остро критикувајќи го заканувачкиот јазик на американските власти.
Ердоган се осврна и на смртта на 11-месечното бебе и неговата мајка Нурџан Каракаја, кои загинаа во експлодирањето на бомба поставена покрај патот од страна на терористите на ПКК, и истакна дека ова е многу тежок случај кој јасно го дефинира тероризмот.
Ердоган информираше дека заедно со министерот за национална одбрана на Турција, Хулуси Акар, и другите колеги, ќе присуствуваат на погребот на малото бебе и неговата мајка Каракаја, каде што ќе се сретнат со блиските на жртвите и ќе ја споделат нивната болка.
Претседателот Ердоган упати сочуство до семејството на загинатите и до турскиот народ.