АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турција е подготвена да постави позитивна агенда со Европската Унија (ЕУ), користејќи долгорочна перспектива што ќе помогне односите со блокот да се вратат на вистинскиот пат, јавува Агенција Анадолија (АА).
На состанокот со амбасадорите од земјите членки на ЕУ, Ердоган рече дека очекува претставниците да го поддржат свртувањето нова страница во односите меѓу Турција и ЕУ.
„Во наши раце е успешно да ги трансформираме односите меѓу ЕУ и Турција во 2021 година“, изјави тој на состанокот во палатата „Чанкаја“ во Анкара.
Ердоган, исто така, ја повтори потребата за тоа дека ЕУ треба да се справи со заканите предизвинаки поради предрасудите кон муслиманите во земјите членки, велејќи: „Покрај тоа што ја загрози безбедноста на речиси 6 милиони луѓе што живеат во Европа, исламофобијата се претвора во голема црна дупка во смисла на европските вредности.“
Средбата со турскиот претседател следуваше по средбата на амбасадорите на ЕУ со турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.
По една година подеми и падови, турските лидери изјавија дека се надеваат на напредок во односите со ЕУ оваа година и дека очекуваат блокот да преземе јасни чекори кон оваа цел.
Турција е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, но напредокот кон нејзиниот пристап во Блокот е во застој со години.
- Источен Медитеран -
Турскиот претседател, исто така, повика на трансформација на Источниот Медитеран од „област на конкуренција“ во „басен на соработка“, за да им служи на долгорочните интереси на регионот.
Тој истакна дека Турција со своите проекти од полето на енергетиката дала значителен придонес во безбедноста во снабдувањето со енергија на Европа.
„Не бараме ништо што не ни следува во Источниот Медитеран. Се обидуваме да ги заштитиме легитимните интереси на нашата земја и нашата нација во однос на ресурсите на јаглеводороди во регионот“, рече тој.
Најконкретен показател за ставот на ЕУ за стратешкото слепило е прашањето за Источниот Медитеран и Кипар, рече тој, додавајќи дека Турција се соочува со сериозна неправда во однос на обете прашања.
Ердоган, исто така, ја доведе во прашање улогата на ЕУ при помагањето во решавањето на кипарското прашање, посочувајќи на неодамнешниот недостиг на контакт на блокот со страната на кипарските Турци.
„Наместо да заглавуваме во неуспешните модели за кипарското прашање, мораме да разговараме за нови, реални алтернативи“, порача Ердоган.
Турција неодамна истакна дека обидите за „федерално“ решение на поделениот остров Кипар се покажале безнадежни и сите идни разговори мора да се фокусираат на две одделни суверени држави на островот.
Како што беше најавено, по петгодишна пауза, Грција и Турција на 25 јануари ќе ги продолжат прелиминарните преговори во Истанбул за Источниот Медитеран.
Во преговорите треба да преовладува прашањето за енергетските права и поморските граници.
Турција, земја со најдолг континентален гребен во Источниот Медитеран, ги отфрли барањата за поморските граници на грчката администрација и на кипарските Грци и истакна дека овие прекумерни барања ги кршат суверените права и на Турција и на кипарските Турци.
Анкара минатата година испрати неколку бродови за истражување на енергетските ресурси во Источниот Медитеран, потврдувајќи ги своите права во регионот, како и оние на Турската Република Северен Кипар.
Турските лидери постојано нагласуваа дека Анкара е за решавање на сите отворени проблеми во регионот преку меѓународното право, добрососедските односи, преку дијалог и преговори.
- Борбата против Ковид-19 -
Ердоган истакна дека пандемијата на Ковид-19 веќе има оставено длабока болка во речиси секоја земја во светот, траги кои нема да бидат избришани со години.
„Процесот низ кој поминуваме уште еднаш нè потсети дека целото човештво е на ист брод, без разлика на религијата, јазикот, расата или регионот. Сите видовме дека можеме да бидеме успешни во борбата против пандемијата благодарение на глобалната солидарност и соработка“, изјави Ердоган.
Тој нагласи дека Турција за време на пандемијата обезбедила медицинска поддршка на 156 земји и 11 меѓународни организации, без никаква дискриминација, вклучително и нејзините „европски пријатели“.
Потсети дека заедно со враќањето на над 100.000 нејзини граѓани назад во земјата со летови за итна евакуација поради пандемијата, Турција евакуирала над 5.500 странци од 67 земји.
„Турција исто така им помогна на 38.000 странски државјани во Турција кои сакаа да се вратат во своите матични земји“, додаде тој.
„Сето ова го сторивме не затоа што очекувавме финансиски одговор, туку затоа што се чувствувавме одговорни за човечкото семејство“.
Истакнувајќи дека пандемијата на Ковид-19 се интензивирала ширум светот во последните неколку недели, Ердоган рече дека успесите во напорите за вакцинација даваат надеж.