Hanife Sevinç
20 Јуни 2020•Ажурирај: 21 Јуни 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денес отвори нова брана во источниот дел на земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Обраќајќи се на свеченото отворање на браната во Карс преку видеоконференција, Ердоган рече дека е задоволен што се додава уште еден прстен на браните што ја опкружуваат земјата како ѓердан.
Истакнувајќи дека кога дошле на власт во земјата имало вкупно 276 брани, рече дека денес ја отвораат 585. брана.
„Имаше вкупно 276 брани во нашата држава кога дојдовме на власт. Денес ја отвораме 585. брана во последните 18 години. Во нашите градови изградивме брани, хидроцентрали, објекти за вода за пиење, канали за наводнување. Постојано ја зголемуваме благосостојбата на нашата нација“, нагласи Ердоган.
Тој нагласи дека во периодот на епидемијата од коронавирусот се забележува колку Турција напредувала во демократијата и економијата, и рече дека пандемијата, во која и развиените земји останаа беспомошни, Турција ја поминала со еден примерен менаџмент и од аспект на здравствената инфраструктура и од аспект на синџирот на снабдување со храна.
- „Сигналите за закрепнување во економијата се доста силни“ -
Турскиот претседател наведе дека покрај приоритетот за заштита на здравјето на населението за време на епидемијата, посветено е внимание и на заштитата на економијата во земјата.
„Ефектите од мерките што ги презедовме почнавме да ги забележуваме во месец мај. Со поддршка на Владата и напорите на приватниот сектор, сигналите за закрепнување во економијата се доста силни. Индексот за економска доверба се зголеми за 20 проценти во мај и достигна 62 проценти. Бројот на основани компании е зголемен за 22,2 проценти во мај во однос на претходниот месец. Од почетокот на јуни, динамиката во секторот за градежништво и автомобилската индустрија доби интензитет. Нашите извозници работат напорно за да ги зајакнат постојните пазари и да најдат нови пазари. Централната банка ги зголеми нашите девизни резерви на над 93 милијарди долари“, нагласи претседателот Ердоган.
Тој посочи дека и покрај тоа што во првиот квартал на 2020 година најголемиот дел од март го поминале во борба со епидемијата, рече дека постигнале стапка на раст од 4,5 проценти.
„Со втората половина од годината“, како што нагласи, „се очекува вистински импулс во економијата“.
„Турција е многу близу да стане една од 10-те најголеми економии во светот“, потенцираше Ердоган, на обраќањето на свеченото отворање на браната во Карс, североисточна Турција.