Sefa Mutlu,Berk Özkan
23 Август 2020•Ажурирај: 24 Август 2020
ИСТАНБУЛ
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган истакна дека нациите кои не можат да бидат силни и независни во областа на одбраната, не е можно со доверба да гледаат на својата иднина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот Ердоган во Истанбул присуствуваше на церемонијата за испорака на новите поморски системи, каде имаше и свое обраќање.
„Турција решително продолжува по својот пат во одбранбената индустрија. Во последно време стратешките успеси што ги постигнавме во нашите граници и надвор од нашите граници се резултат на напредокот што го постигнавме во одбранбената индустрија. Нациите кои не можат да бидат силни и независни во областа на одбраната, не е можно со доверба да гледаат на својата иднина“, рече Ердоган.
Турскиот претседател истакна дека одбранбената индустрија не е област која може да ја издржи стагнација.
„Постојано мора да одиме подалеку и да произведуваме понапредно. Секој проект на јавниот и приватниот сектор во одбраната ни овозможува да гледаме посигурно во нашата иднина. Турција географски се наоѓа точно на центарот на светските конфликти, политичките кризи тензиите. Во таа критична геополитика може да опстанеме на нозе само ако бидеме силни на секое поле. Ако денес на Источниот Медитеран, Црното Море, на Балканот, на Кавказот, во Африка и поширокиот простор можеме да ги имплементираме сопствените политики тоа е поради нивото кое го достигнавме на политички, економски и технолошки план.“
Тој додаде дека се свесни оти немаат ниту еден момент за губење и потенцираше со таа свест работат, произведуваат и се борат.
Меѓу другото, турскиот претседател информираше дека во инвентарот на турската морнарица денес се предадени два чамци за брза интервенција и за обука при нуркање, два нови чамци за командоси и осум брзи чамци за патрола.
„Турција е една од десетте земји во светот што може да дизајнира и произведува свои воени бродови“, нагласи Ердоган.
Во своето обраќање Ердоган истакна и дека во одбранбената индустрија сакаат да преминат на уште повисоко ниво и додаде:
„Нашата цел е да градиме развојна одбранбена индустрија и инфраструктура за производство која нема биде зависна однадвор во било која клучна област."
Ердоган во својот говор им оддаде почит на страданите лица во поплавите и клизиштата во Гиресун и додаде дека според последните информации, загинале најмалку пет, а повредени се 12 лица, напоменувајќи дека се ангажирани сите ресурси во изнаоѓање на исчезнатите лица и во помагањето на загрозеното население.