ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, во обраќањето на свеченото отворање на 15. издание на Меѓународниот саем за одбранбена индустрија (IDEF) истакна дека Турција во изминатите две децении остварила огромен успех и напредок во областа на одбранбената индустрија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Турција во последните 19 години направи револуција во одбранбената индустрија, токму како и во многу други области“, истакна Ердоган.
Тој нагласи исто така дека Турција во последните години во огромна мерка ја намалила зависноста од надворешната одбранбена индустрија.
„Зависноста на турската одбранбена индустрија од увезени елементи е намалена од 80 на 20 проценти. Денес, Турција е меѓу трите или четирите водечки земји во светот во дизајн, производство и продажба на вооружени беспилотни летала кои веќе го докажаа својот успех на теренот“, рече Ердоган и додаде:
„Нашиот извоз во областа на одбраната и воздухопловството, што претходно не достигнуваше ниту 250 милиони долари, ја надмина границата од три милијарди долари.“
Тој истакна дека Турција ќе продолжи со големите проекти во областа на одбранбената индустрија и во наредните години.
„Турција е особено фокусирана на одбранбената индустрија за да ги надмине тешкотиите предизвикани од глобалните добавувачи, како и тајните или отворените ембарга“, објасни турскиот претседател.
Како што рече, Меѓународниот саем за одбранбена индустрија во Истанбул станал еден од најголемите саеми од ваков вид во светот.
„Договорите што ќе бидат потпишани на саемот во Истанбул се показатели дека нашиот саем веќе зазеде глобална позиција во областа на одбранбената индустрија“, посочи тој.
Ердоган изјави дека Турција е земја која со задоволство ги споделува со своите пријатели сите достигнувања и способности што ги разви во областа на одбранбената индустрија.
„Сметаме дека градењето атмосфера на мир, стабилност и доверба во нашиот регион и светот зависи од воспоставувањето фер рамнотежа во одбранбената индустрија“, рече Ердоган.
Меѓународниот саем за одбранбена индустрија ИДЕФ 2021, еден од најголемите светски настани во одбранбената индустрија, беше отворен денес во Истанбул. На саемот беа претставени најновите воени производи и опрема од Турција и светот.
Четиридневниот настан се одржува под покровителство на Кабинетот на турскиот претседател, а домаќин и организатор е турското Министерство за одбрана и Фондацијата на Турските вооружени сили.
На саемот во Истанбул учествуваат 536 домашни и 700 странски компании. На настанот се очекува да присуствуваат 97 високи функционери од целиот свет - 31 владин министер, 33 началници на Армијата и 33 генерали на Копнената армија.
Минатата година, настанот привлече повеќе од 1.000 учесници и околу 76.000 професионалци од 71 земја. Саемот во 2021 година беше планиран за мај, но беше одложен поради мерките за борба против пандемијата на коронавирусот.
На саемот ќе се одржат и панели на различни теми, како истражување на вселената, идни технологии и дигитална трансформација. За време на настанот се очекува да се одржат неколку церемонии за потпишување соработка.
Настанот прикажува широк спектар одбранбени производи и опрема во различни области, вклучувајќи копнени возила, беспилотни летала, оружје, симулатори, радари, сонари, решенија за поморски платформи, авионски системи, проектили, логистички возила, опрема за снабдување и безбедносни системи.
Меѓународниот саем за одбранбена индустрија (ИДЕФ) за прв пат беше организиран во 1993 година.
news_share_descriptionsubscription_contact
