Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
09 Септември 2022•Ажурирај: 11 Септември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Споредбено со другите земји во светот, Туркије ги изведе „најодлучните и најдалекосежни операции“ против терористичката организација ДЕАШ, порача турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Нашето разузнавање, Министерството за внатрешни работи и Вооружените сили ги спроведоа најодлучните и најдалекосежни операции во светот против ДЕАШ“, изјави Ердоган пред новинарите по петочната молитва во Истанбул.
Посочувајќи дека Западот никогаш не спровел „соодветна операција или борба“ против терористичката организација ДЕАШ, Ердоган додаде: „Тој само зборува за ова прашање. Друго ништо не прави.“
Изјавите на Ердоган дојдоа откако Туркије вчера (четврток) го фати еден од најважните водачи на терористичката организација ДЕАШ, Башар Хатаб Газал ал Сумаидаи, со кодно име „Абу Зеид“.
- „САД не се единствени што продаваат борбени авиони“ -
Потсетувајќи на неговите разговори со американскиот претседател Џо Бајден на Самитот на НАТО во Мадрид во јуни, Ердоган рече дека американскиот претседател рекол дека „ќе ја даде сета поддршка што може во врска со Ф-16“.
Изразувајќи надеж дека САД „не ја водат“ Туркије на „други патеки“, Ердоган рече: „Мислам, САД не се единствената држава во светот што продава борбени авиони.“
„Земјите како Велика Британија, Франција и Русија, исто така, продаваат борбени авиони“, рече Ердоган и додаде: „Може да се набават од секаде; некои ни сигнализираат за тоа.“
На прашањето во врска со соопштението на американскиот СЕНТКОМ од 7 септември во кое се повикува меѓународната заедница да ги поддржи СДГ [т.н сириски демократски сили, назив кој го користи терористичката организација ЈПГ/ПКК] во борбата против ДЕАШ, Ердоган рече дека САД „за жал, продолжуваат со своите погрешни чекори во однос на СДФ“.
Тој нагласи дека ќе разговара за ова прашање со Бајден за време на неговата посета на Њујорк за Генералното собрание на ОН.
Турскиот претседател, исто така, ја изрази својата намера да присуствува на погребот на покојната британска кралица Елизабета Втора, доколку неговиот распоред го дозволи тоа.