Diyar Güldoğan
20 Јануари 2023•Ажурирај: 21 Јануари 2023
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган истакна дека судбината на Туркије ја одредува турскиот народ, а не британското списание „Економист“, кое неодамна објави неосновани тврдења за ситуацијата во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Дали британското списание ја одредува судбината на Туркије? Мојот народ го одредува тоа. Што ѝ да каже мојот народ, тоа се случува во Туркије. Британското списание не може да ја одреди судбината на Туркије“, изјави Ердоган за новинарите по петочната молитва во Истанбул.
Изјавите на Ердоган следуваа откако „Економист“ објави вест во која ги повикува странците да обрнат внимание на претстојните избори во Туркије, истакнувајќи дека земјата е „на работ на катастрофа“ под раководство на Ердоган.
Директорот за комуникации на Туркије, Фахретин Алтун, вчера го критикуваше „Економист“ поради неговата пропаганда за Туркије, велејќи: „Срамните наслови и провокативната слика може да им помогне да го продадат своето таканаречено списание, затоа им честитаме на нивните генијални маркетинг техники! Но, мора да ја потсетиме публиката дека ова е сензационалистичко новинарство засновано на евтина пропаганда и дезинформации“.
- „Грција продолжува да ги вооружува островите во Егејското Море“ -
Во врска со неодамнешните изјави на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за Туркије, Ердоган рече дека Грција презема чекори спротивни и на Договорот од Лозана од 1923 година и на другите договори со вооружувањето на островите во Егејското Море.
Мицотакис денес рече дека Грција нема да влезе во војна со Туркије и дека двете земји можат да направат напори да ги намалат тензиите во регионот.
„Овие изјави на Мицотакис не се доволни за да се одреди судбината конкретно на регионот“, рече Ердоган.