Enes Kaplan
19 Јули 2021•Ажурирај: 19 Јули 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, објави пригодна видеопорака по повод престојниот празник на муслиманите Курбан бајрам, во која истакна дека Турција со навремените мерки и здравствените политики во голема мера ја има ставено под контрола пандемијата на Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Како земја која во голема мера ја стави под контрола епидемијата на Ковид-19 и направи чекори кон нормализација, Турција го дочекува Бајрам во многу подобри околности“, изјави Ердоган во пораката.
Посебно го нагласи значењето на вакцинацијата против Ковид-19.
„Напредокот што ќе го направиме со вакцинацијата е клучен во однос на здравјето на граѓаните, моралот на нацијата и остварувањето на целите на државата“, рече Ердоган и додаде дека Турција е меѓу водечките земји во однос на вакцинацијата против Ковид-19.
„Ние сме на многу добро ниво во споредба со светскиот просек за вакцинација против Ковид-19. Немаме никакви проблеми во снабдувањето со вакцини“, рече тој.
Турскиот претседател исто така апелираше до граѓаните кои сè уште не го сториле тоа, да се вакцинираат против Ковид-19.
„Ги повикувам сите наши граѓани да ја искористат услугата за вакцинација што сега им ја нудиме на сите лица над 18 години“, рече Ердоган.
Тој на сите муслимани во светот им го честита празникот Курбан бајрам.
„Ние сакаме овие благословени денови да донесат благослови на нашиот народ, исламскиот свет и целото човештво“, рече Ердоган и додаде:
„Секако, жалиме што сè уште не сме во можност да ја исполниме должноста за аџилак, што е составен дел од Курбан бајрам. Се надеваме дека наскоро ќе ги доживееме деновите кога аџилакот, кој ќе се одржи оваа година со ограничено учество на верниците, ќе се изврши повторно во присуство на милиони лица. Со цел целосно да се ослободиме од пандемијата што ја погодува нашата земја, како и целиот свет, не смееме да се откажеме од преземањето мерки на претпазливост“, рече Ердоган.
Тој изрази надеж дека домашната вакцина против Ковид-19 во Турција ќе биде подготвена за употреба до крајот на годината.