ИСТАНБУЛ
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, денеска на отворањето на градската болница „Бор и јапонска цреша“ (Çam i Sakura) во населбата Башакшехир, во Истанбул, изјави дека овој град, благодарение на новоизградените болници, станал меѓународен здравствен центар, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот Ердоган и премиерот на Јапонија, Шинзо Абе, денеска ја отворија болницата „Бор и јапонска цреша“ во Башакшехир.
Ердоган му се заблагодари на Абе, кој по пат на видеолинк учествуваше на отворањето на болницата, како и на сите останати кои го дале својот придонес во изградбата на овој објект.
Турскиот претседател потсети дека и претходно во многу значајни инфраструктурни проекти соработувале со јапонските компании.
„Денеска додаваме нова алка на стариот и мултидимензионален ланец на пријателство меѓу Турција и Јапонија. На болницата ѝ го дадовме тоа име како симбол на пријателството меѓу турскиот и јапонскиот народ, и за таа цел во околината на болницата засадивме 1.000 борови и јапонски црешни, односно сакури кои се предвесници на пролетта“, рече Ердоган.
Тој додаде дека градската болница „Бор и јапонска цреша“ со својот изглед, услугите што ги дава и со своите други карактеристики ќе биде еден од спомениците со кој Истанбул ќе се гордее.
Претседателот Ердоган напомена дека болницата, која се наоѓа во близина на аеродромот „Истанбул“, ќе им пружа услуги и на странците, порачувајќи дека ќе стане една од главните болници, кога станува збор за здравствениот туризам.
„Во време кога голем број здравствени системи крахираат, кога јавните структури се оштетени, Турција и Јапонија покажуваат успех кој е пример за сите“, заклучи Ердоган.
Станува збор за голем комплекс кој се протега на површина од околу 500.000 квадратни метри со капацитет од 2.682 легла, од кои 456 се наоѓаат на одделенијата за интензивна нега.
Градската болница во Башакшехир, меѓу другото, располага со 3 хелиодроми, 4 ургентни центри, 725 поликлинички одделенија и 90 операциски сали во кои дневно можат да се изведуваат 500 операции. Во исто време болницата ќе поседува паркинг за 8.134 возила.
Болнцата во 107 различни медицински гранки, дневно ќе дава медицинска помош на најмалку 7.000 пациенти.
Во оваа болница за првпат ќе биде користен методот на интраоперативна радиотерапија (IORT), која се применува додека пациентот е под анестезија.