Hülya Çorakçı Ertan
04 Септември 2017•Ажурирај: 05 Септември 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес во Истанбул изјави дека светот останал нем на страшните масакри во Мјанмар и најави оти таа тема ќе ја стави на дневен ред на претстојната седница на Генералното собрание на ОН, јавува Anadolu Agency (AA).
По комеморацијата на турскиот војник убиен во неодамнешниот терористички напад во Хакќари, Ердоган се обрати пред насобраните граѓани во истанбулското предградие Чаталџа и укажа на големата тага поради судирите што и за време на овие бајрамски денови се случуваат во многу земји од исламскиот свет.
„Сето тоа се случува во Сирија, Ирак, Палестина, Либија, а и во Мјанмар се случуваат големи масакри. Светот остана нем на сите масакри во Мјанмар. Претпоставувам дека ја видовте на телевизија состојбата на муслиманите во Мјанмар. Ја видовте маката што ја мачат. Ги видовте запалени нивните села. Турција преку Црвената полумесечина, преку АФАД, испраќа и ќе испраќа помош во тие подрачја“, изјави Ердоган.
Генералното собрание на ОН ќе заседава на 19. септември, а Ердоган најави дека на дневен ред ќе биде и страдањето на араканските муслимани во Мјанмар, и за тој проблем ќе разговара со лидерите и со официјалните претставници што ќе бидат присутни.
„Паралелно со тоа, во својство на претседател на Организацијата за исламска соработка (ОИС) за тие теми разговарав и понатаму ќе разговарам со речиси 20 светски лидери. Секако, немаат сите ист пристап кон тие теми, но ние и понатаму ќе ја вршиме нашата работа“, порача Ердоган.
Осврнувајќи се и на борбата против терористичките организации ПКК и ДЕАШ во југоисточниот дел на Турција, Ердоган изјави дека таа борба ќе продолжи одлучно, во духот на единството, и потсети дека речиси сите ресорни министри и највисоки воени официјални претставници за време на празникот Курбан-бајрам ги посетиле војниците на тие граници на Турција и покажале дух на заедништво.